Рашида Дати доби клучна поддршка за вториот круг од изборите за градоначалник на Париз
- По првиот круг од локалните избори во Париз, во трката остануваат четири изборни листи предводени од четири кандидати за градоначалник на францускиот главен град, јавија локалните медиуми.
Париз, 17 март 2026 (МИА) – По првиот круг од локалните избори во Париз, во трката остануваат четири изборни листи предводени од четири кандидати за градоначалник на францускиот главен град, јавија локалните медиуми.
До вечерва, изборните листи за вториот круг од локалните избори мора да бидат регистрирани низ целата земја.
Кандидатот од таборот на Макрон за градоначалник на Париз, Пјер-Ив Бурназел, синоќа објави дека се повлекува од трката во корист на кандидатката на конзервативната десница, Рашида Дати. Листите на двајцата кандидати ќе се спојат за вториот круг.
Во првиот круг, социјалистот Емануел Грегоар освои најмногу гласови – 37,98 проценти. Рашида Дати остана на второто место со 25,46 отсто и покрај очекувањата за повисок резултат. Бурназел доби 11,34 проценти.
Во трката остануваат уште двајца кандидати од левицата и десницата – Софија Шикиру од „Франција Непокорна“ со 11,72 отсто и Сара Кнафо од крајнодесничарската партија „Реконквиста“ со 10,40 проценти.
Со интерес се следи и ситуацијата во јужната метропола Марсеј, каде што крајните десничари сметаат на незадоволството на жителите од владата во нивната борба против трговијата со дрога и војната меѓу наркобандите.
Таму, актуелниот градоначалник Беноа Пајан се најде на првото место во вториот круг, поддржан од левичарскиот сојуз, кој, сепак, не ја вклучи „Франција Непокорна“. Пајан доби 36,70 отсто и веднаш побрза да ја регистрира својата листа за вториот круг, и покрај тоа што „Франција Непокорна“ му понуди поддршка. На второто место во Марсеј е кандидатот на крајнодесничарската „Национален собир“, Франк Алицио, со 35,02 отсто.
Кандидатот на „Непокорна Франција“ Себастијан Делогу, исто така се квалификуваше и ја опиша одлуката на Пајан да се кандидира сам против крајниот десничар Алисио како „неодговорна“, повикувајќи на „антифашистички фронт“ против крајните десничари. јт/сд/
Фото: ЕПА