• четврток, 26 декември 2024

Рашела Мизрахи предложена за претседател на Анкетната комисија за случајот Онкологија 

Рашела Мизрахи предложена за претседател на Анкетната комисија за случајот Онкологија 

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Почна седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, која треба да го утврди составот на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

За претседател на комисијата е предложена Рашела Мизрахи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а предлози од оваа ПГ се и Александар Велјановски за заменик претседател, за членови Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска - Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов, Петар Ристески, за заменици членови Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски и Зоран Коцевски.

Од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, за членови се предложени Даниела Марковска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, додека за заменици членови - Миле Талевски, Маја Морачанин, Бети Рабаџиевска Наумовска и Соња Мираковска.  

Предлог на пратеничката група на ДУИ, за членови се Арбен Зибери и Бедри Фазли, а за заменици членови - Бајрам Кадрија и Берат Ајдари.  

Од Алијанса за Албанците предложени се Ремзи Мехмеди за член и Артина Ќазими за заменик член.

Одлуката за основање на Анкетната комисија беше донесена на 20. месецов, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија  Јавното обвинотелство на почетокот на месецов отвори предистражна постапка. 

Од ЈО на 26. месецов соопштија дека косовските обвинители се подготвени за соработка за случајот.  Тимот на обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, како што информираа,  продолжува да ги презема сите дејствија за целосно испитување на настанот.

-Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, што се однесува на работата на Клиниката за онкологија. Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката, кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување, информираше Јавното обвинителство. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан