• петок, 27 декември 2024

Раша тудеј на српски наскоро ќе почне со работа

Раша тудеј на српски наскоро ќе почне со работа
Белград, 13 ноември 2022 (МИА) - Руската државна телевизија „Раша тудеј“ на српски јазик наскоро ќе почне со работа, а главен уредник ќе биде Јелена Милинчиќ, ќерка на уредничката на Спутник Србија Љубинка Милинчиќ, јави дописникот на МИА од Белград. Рускиот портал Спутник Србија ја објави оваа информација како одговор на јавниот настап на поранешниот министер за одбрана Драган Шутановац, во кој ја споменува Јелена Милинчиќ. -Еве, да го запознаеме Шутановац дека Јелена Милинчиќ, ќерката на Љубинка Милинчиќ, веќе не е во Париз, ниту студирала таму (како што изјави во своите медиумски настапи), туку е во Белград и дека таа е главен уредник на Раша Тудеј, кој наскоро ќе почне да работи на српски јазик, соопшти Спутник. Во март, Советот на ЕУ одлучи да ја прекине дистрибуцијата на руските државни медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“ на територијата на цела ЕУ. Како што пренесоа медиумите, санкциите ги опфаќаат сите средства за пренос и дистрибуција, како кабелска, сателитска, IPTV, платформи, веб-страници и апликации, а сите релевантни лиценци, овластувања и договори за дистрибуција се суспендирани, соопшти Советот на ЕУ. Во Брисел оценија дека овие два медиумa се важни инструменти за „поттикнување и поддршка на руската агресија“ против Украина и дека претставуваат „значајна и директна закана за јавниот ред и безбедност на ЕУ“. Во јули белградска Нова.рс прва ја објави веста дека руската телевизија ќе отвори претставништво во Србија. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, на прашањето на ТВ Н1 да ги коментира тие најави, тогаш потсети дека ЕУ воведе рестрикции за тие медиуми како дел од санкциите против Русија и дека Србија како земја-кандидат се очекува постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ и нејзините одлуки. -Раша тудеј е дел од рускиот пропаганден и дезинформациски инструментариум со кој Кремљ ја надополнува својата нелегална агресија врз Украина и убивањето на Украинците, рече Стано во одговорот за ТВ Н1. об/

Остани поврзан