• недела, 29 декември 2024

Расчистени и тампонирани повеќе патни правци во општина Кратово

Расчистени и тампонирани повеќе патни правци во општина Кратово

Кратово, 27 септември 2023 (МИА) - Општина Кратово спроведе активности за расчистување и тампонирање на повеќе локални патни правци, како и уредување на паркинг простор во селото Крилатица.

- Набавената градежна машина што Јавното претпријатие „Кратово“ ја доби во соработка со Центарот за развој на Североисточниот плански регион, комбинирана градежна машина скип-ровокопач е исклучително корисна инвестиција за остварување на интересите и потребите на граѓаните, особено во руралните средини. Изминатиот период е извршено прочистување и пробивање на пат во село Тополовиќ, посипување и тампонирање на локални патишта во маалата Бучкинци и Чакинци во село Трновац, уредување на паркинг место пред црквата „Света Петка“, село Крилатица, прочистување локални патишта во Кнежево, маала Кајганци и  Мало Гарие, како и во Емирица. Прочистување и уредување е извршено и на речно корито во село Куклица и останати локации, информираше градоначалникот на општина Кратово, Тодорче Николовски.

Тој посочи дека периодов следува тампонирање на локалните патишта од Мушково до Старо Мушково, во должина од 1,5 километри и трасирање и тампонирање на пат во село Сакулица во должина од еден километар.

- Денеска во градот започнаа теренските градежни активности за изградба на две пешачки улички што се во руинирана состојба, улицата „Вера Пазаванска“ - Дубровачка, во должина од 105 метри, што ќе биде уредена со камени плочи калдрма, фугирање со цементно млеко и крак од улицата „Планинска“ во должина од 170 метри. Истата ќе биде санирана и поплочена со бекатон плочки и попречни бетонски греди, појасни Николовски.

Градоначалникот додаде дека заложбите на локалната самоуправа се да излезат во пресрет на потребите на граѓаните и да ги направат максимално пристапни и функционални овие улички, во рамки на можностите и конфигурацијата на теренот. ид/бд/

Фото: Општина Кратово

Остани поврзан