• среда, 25 декември 2024

Раст на индексите на Волстрит, најмногу поради намалените тензии околу Украина

Раст на индексите на Волстрит, најмногу поради намалените тензии околу Украина
Вашингтон, 16 февруари 2022 (МИА) - Нагло се зголемија цените на акциите на Волстрит во текот на вчерашниот ден, најмногу во технолошкиот сектор, што се должи на намалените тензии околу Украина, со оглед на тоа што Русија повлече дел од војската од украинската граница. Dow Jones порасна за 422 поени или 1.22 отсто, на 34.988 поени, додека S&P 500 „скокна“ за 1.58 проценти, на 4.471 поени. Индексот Nasdaq за 2.53 отсто, на 14.139 поени. По три дена остар пад, индексите пораснаа, откако се објавија вестите за повлекување дел од руските војници, распоредени долж украинската граница, бидејќи завршиле воените вежби. Иако Белата куќа и понатаму тврди дека Русија е подготвена за напад, намалувањето на тензиите, ги охрабри инвеститорите на берзите. Меѓу 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите пораснаа во девет од нив, а најмногу во технолошкиот, во просек за 2.7 отсто. Најголем пад има кај енергетскиот сектор, 1.4 отсто, што е последица на намалената цена на нафтата. Причината е тоа што се намали стравот од прекин на снабдувањето со нафта и гас од Русија. - Благодарение на рускиот претседател, Владимир Путин, добро порасна берзата. Во последните денови, правецот на движење на берзата го одредуваат, или Путин и неговите планови во врска со Украина, или претседателот на Фед, Џером Пауел и неговите планови околу каматните стапки, тврди Дејвид Картер, директор на компанијата Wealthspire Advisors. Пазарот со недели е под притисок поради инфлацијата во САД, таа достигна најголеми нивоа во последните 40 години. Американската централна банка мора да ги зголеми каматните стапки, со што ќе се забави растот на економијата, како и на берзите. Вчера е објавено дека произведувачките цени имаат раст, значително повеќе, отколку што очекуваа аналитичари. Тоа укажува на понатамошно зајакнување на инфлациските притисоци, а ја потврдува и тезата, дека Фед треба агресивно да ја заостри монетарната политика. Првото зголемување на каматите од Фед, се очекува во март, најверојатно за 0.5 процентни поени. Потоа се очекуваат уште три до четири зголемувања на каматите за оваа година. Последните години, растот на економијата и пазарите на капитал, беше поттикнат од многу лабавата монетарна политика на централните банки, со дарежливи фискални стимулации. Но, со оглед на растот на инфлацијата, јасно е дека завршува периодот на евтини пари. Поддршка на пазарот му даваат добрите деловни резултати на компаниите. Од 370 компании во S&P 500 индексот, што досега објавиле извештај за изминатиот квартал, 78 отсто од нив ги надмина очекувањата на аналитичари. И на европските берзи цените на акциите пораснаа. Лондонскиот FTSE зајакна 1.03 отсто, на 7.608 поени, франкфуртскиот DAX „скокна“ 1.98 отсто, на 15.412 поени, а парискиот CAC, 1.86 проценти, на 6.979 поени. бд/сд/
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан