Расте наплатата на данок на имот за физички, за правни лица и комунална такса во Куманово
- Општина Куманово заврши со дистрибуција на опомените за неплатена комунална такса и данок на имот за правни лица за 2023-та година, наскоро ќе бидат испратени решенијата за присилна наплата за заостанати обврски од 2023-та година, соопштија денеска надлежните од секторот.
Куманово, 16 декември 2024 (МИА) - Општина Куманово заврши со дистрибуција на опомените за неплатена комунална такса и данок на имот за правни лица за 2023-та година, наскоро ќе бидат испратени решенијата за присилна наплата за заостанати обврски од 2023-та година, соопштија денеска надлежните од секторот.
-По однос на данокот на имот за физички и за правни лица, комунална такса можам да кажам дека месецот декември е месец каде што граѓаните редовно имаат воспоставена пракса за ги плаќаат даночните долгови и процентот секојдневно расне. Сега за 2024-та година наплатата по однос на овие три ставки данок на имот за физички, за правни и за комунална такса е некаде околу 50 проценти, додека за 2023-та наплатата се движи некаде до осумдесет проценти за данок на имот за правни лица и над 70 отсто за физички лица данок на имот и за комунална такса, изјави раководителката на секторот за даноци, Фросина Краљевска.
Во моментов се генерираат и дистрибуираат решенија за присилна наплата за правните субјекти, додека за физичките лица за неплатен данок за 2023-та решенијата ќе се генерираат идната година. Од секторот велат дека секој оној кој с стекнал со имот по различни основи, преку купопродажба, доживотна издршка, подарок треба да ја пријават промената во просториите на општината.
-До крајот на јануари, идната година ги поканувам сите граѓани коишто имаат стекнато имот на свое име да ја достават потребната документација и даночната пријавата секторот ќе ја утврди. До 31 март идната година е краен рок, изјави Краљевска.
Таа укажа дека оние граѓани кои имаат проблеми можат секојдневно да побараат помош од вработените. Дел од кумановци реагираат дека има пристигаат решенија за наплата на данок на имот на двајца членови од семејството.
-Граѓаните не треба да се загрижени дека ќе мора да платат двојно данок. Потребно е да донесат соодветна документација и само еден обврзник плаќа данок на имот, додава Краљевска. ам/са/
Фото: МИА