• среда, 25 декември 2024

Расте интересот за стручно образование во Струга

Расте интересот за стручно образование во Струга

Струга, 16 јули 2024 (МИА) - Интересот за стручно образование во струшките средни училишта секоја година е се поголем, потврди за МИА директорката на средното општинско училиште „Нико Нестор“, Кети Јанкоска.

На осумте струки на македонски јазик се запишале 140 ученици, а на девет струки на албански јазик биле примени 143 ученици.

-Најголем интересн има за архитектонски техничар на македонски јазик и хемиски лабoраториски техничар на албански јазик, истакна Јанкоска.

Карактеристично, според директорката, е што во ова училиште одлично функционираат три дуални паралелки

-Резултатите од дуалното образование се одлични. Имаме добра соработката со компаниите во Струга каде учениците преку практична настава учат и се надградуват, вели Јанкоска, додавајќи дека годинава завршува првата генерација прехранбен техничар дуална паралелка.

Во Државното средно музичко училиште „Тодор Скалоски - Тетоец“ во првиот уписен рок, како што информира раководителот Димитри Кумбароски, се пријавиле 15 ученици.

-Годинава имаме пет ученици повеќе од лани и местата се пополнети. Ние сме дисперзирана паралелка, односно заедно со паралелката во Тетово треба да имаме вкупно 28 ученици, така што бројката е исполнета. Уште неколку места се останати само во теоретскиот оддел. Ова се податоци за македонската паралелка, а за албанската е пријавен само еден ученик, изјави Кумбароски.

Во гимназијата „Ибрахим Темо“, пак, како што посочи директорката Бесиме Јонузи, се запишале 117 ученици. Kако што појасни, споредено со лани, бројот е намален за 53 ученици.

Смета дека намалениот број на пријавени ученици се должи на фактот дека деветтолетка годинава
завршиле 480 ученици, што е за 50 до 60 помалку од минатата.

-Во првиот уписен рок се пријавија 36 ученици од македонска националност, 69 од албанска и 12 од турска. Минатата година во нашата гимназија се запишаа околу 170 ученици, но генерацијата што сега заврши деветто одделение брои помалку ученици, па затоа има разлика во бројките, истакна Јонузи. сс/хс/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан