• среда, 18 декември 2024

Расте бројот на режисерки во Холивуд

Расте бројот на режисерки во Холивуд
Лос Анџелес, 3 јануари 2020 (МИА) - Бројот на жените режисери на холивудски продукции, е зголемен до рекордно високо ниво за 2019 година, објавија западните медиуми. Од 100-те филма со најголема заработка лани, 12 се режирани од претставнички на понежниот пол, меѓу кои и Лулу Ван („Збогување"), Лорејн Скафарија („Измамничките од Волстрит“), Мелина Мацукас („Квин и Слим"), Грета Гервиг („Мали жени") и други. Жените зад камерата, инаку, денес се рекордни 10,6 отсто - над двапати повеќе отколку во 2018 година (4,5 отсто). Досегашниот највисок процент - 8 отсто, беше актуелен 2008 година. Покрај тоа, два од десетте најпопуларни филмови за 2019 година - цртаниот „Снежното кралство 2" и „Капетанката Марвел", имале помошнички режисерки, соодветно - Џенифер Ли и Ана Боуден. Вкупниот број на дамите режисерки, сценаристки, продуцентки, монтажерки и операторки на 100-те најпрофитабилни филмови за 2019 година е 20 отсто - четири проценти повеќе отколку во 2018, посочи истражување на Центарот за следење на жените во телевизијата и кинематографијата при Универзитетот на Сан Диего. Од фимовите на „Јуниверзал пикчрс", 26 отсто од проектите за лани се режирани од жени. Бројот на платформата Нетфликс исто така е висок - 20 отсто од нивните филмови се дело на режисерки. На другиот крај е „Парамаунт пикчрс" - последниве пет години студиото не снимило филм режиран од жена. Соодносот меѓу половите во Холивуд, е четири спрема еден во корист на мажите. Дамите филмаџики, сепак, одново се вон конкуренција за претстојната сезона на награди. За „Златните глобуси", кои ќе се одржат в недела, нема номинирана жена режисер. Ниеден од десетте филма, номинирани во категориите за драма и мјузикл или комедија, не е режиран од жена. Во очекување на номинациите за „Оскар", според западните медиуми, досега само една жена ја добила најпрестижната статуетка за најдобар режисер - Кетрин Бигалоу за „Шкафче на болката", а воедно и најдобар филм за 2008 година. си/сд/

Остани поврзан