• среда, 18 декември 2024

Расте бројот на заболени од дијабетес на подрачјето на Куманово, причина лоши навики во исхраната и намалена физичка активност

Расте бројот на заболени од дијабетес на подрачјето на Куманово, причина лоши навики во исхраната и намалена физичка активност

Куманово, 15 ноември 2024 (МИА) - Расте бројот на заболени од дијбетес во Куманово, информираа денеска надлежните лекари од Општа болница Куманово. Според податоците на Центарот за дијабетес од Куманово во моментов има 4.232 заболени од дијабет на подрачје на општина Куманово, од Липково се евидентирани 729 и 136 во општина Старо Нагоричане, претежно од женски пол.

- Организираме предавања, трибини, мерење на шеќер во крвта. Годинашново мото е „Дијабетес и севкупна благосостојба“ и особено важно ни е да се обрне внимание не само на вредноста на шеќерот во крвта, туку и на севкупното здравје на пациентите, и физичко и ментално, изјави доктор Марија Бајдевска Спирковска, раководител на Центарот за дијабет Куманово.

Дијабетесот зема замав, едно од десет лица во светот има дијабетес, а секој втор е пациент без дијагноза. Според официјалните статистики, расте бројот на лица со предијабетес (состојба на гранично покачени вредности). Здравствените работници апелираат граѓаните да обрнат внимание и на оваа состојба кога пациентите имаат зголемено ниво на шеќер, меѓутоа не се на високи граници и исклучително важно за нив се навремените прегледи.

- Дијабетесот е хронично заболување, кое се карактеризира со покачен шеќер во крвта. Најчести симптоми се жед, сува уста, поспаност, замор, често мокрење, чести инфекции. Ризик фактори се начинот на исхрана, прекумерна телесна тежина, седентарен животен стил, вели Бајдевска Спирковска.

За да се превенира состојбата, покрај здрав начин на исхрана, важно е и намалување на телесната тежина, секојдневна физичка активност дури и од само 30 минути пешачење, избегнување на цигарите.

- Ние сме поднебје каде се консумираат доста месени, сукани, производи, компир, ориз. Не можеме да ги смениме навиките ама можеме да ги смениме количините. Важно е да сепие вода, за десерт да се консумира овошје и физичката активности, рече Бајдевска Спирковска, специјалист по интерна медицина-дијабетолог.

Компликациите од дијабетесот се развиваат постепено, велат стручните, и доколку не се третираат на време можат да бидат сериозни, понекогаш и фатални. ам/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан