• четврток, 02 април 2026

Распишан повик за учество на „Велигденска изложба на творби“ во Делчево

Распишан повик за учество на „Велигденска изложба на творби“ во Делчево

Делчево, 30 март 2026 (МИА) - Општина Делчево ги поканува сите заинтересирани организации, институции, здруженија на граѓани и физички лица да земат учество на традиционалната „Велигденска изложба на творби“. Како и претходните години, учесниците ќе имаат можност креативно да ги уредат и аранжираат своите штандови, а во рамки на манифестацијата ќе се одржи и традиционална изложба на велигденски јајца, ликовна изложба на дела од ученици од локалните училишта на тема Велигден, како и други креации поврзани со празникот.

Организаторите истакнуваат дека Велики четврток, според традицијата, е ден кога се вапцуваат велигденските јајца, па манифестацијата претставува можност граѓаните да ја покажат својата креативност и умешност, но и да придонесат во хуманитарна акција, бидејќи собраните средства ќе бидат наменети за хумани цели.

Прославата по повод големиот христијански празник Велигден се организира во соработка со образовните институции во општината, детската градинка „Весели цветови“, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, ЈЛБ „Илинден“, како и со здруженија на граѓани и локални институции.

Најдобрите творби ќе бидат оценувани од соодветна комисија, а Општина Делчево обезбедува парични награди за најуспешните учесници.

Во рамки на настанот е предвиден и концерт на културно-уметнички друштва.

Пријавите може да се преземат од веб-страницата на Општина Делчево и да се достават електронски или лично во архивата на општината. Контакт лице е Ванчо Новоселски (тел. 070 309 630, e-mail: info@delcevo.gov.mk).

Манифестацијата ќе се одржи на 9 април 2026 година (четврток), на платото пред Спомен-домот АСНОМ во Делчево, со почеток во 12:00 часот. вс/вј/ 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан