• среда, 26 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Раскинувањето пријателство може да боли исто колку и прекин на врска

Раскинувањето пријателство може да боли исто колку и прекин на врска

Балтимор, 24 март 2025 (МИА) - Секударниот крај на едно пријателство може да биде болен исто колку и раскинување љубовна врска, посочуваат стручњаците, но и искуствата на некои луѓе, пишува „Јаху лајф“ (Yahoo Life).

Исто како љубовните врски, и пријателствата понекогаш завршуваат одеднаш. При такво моментно прекинување на односите - наспроти постепеното губење контакт, може да се доживеат исти емоции на повреденост, осаменост, недоверба итн. Според д-р Кристина Ли, психијатар и медицински директор за ментално здравје во установата „Кајсер перманент“ (Kaiser Permanente) во Балтимор, Мериленд, САД, раскинувањето на пријателствата е почеста појава отколку што многу луѓе мислат, всушност.

- Истражувањата посочуваат дека повеќето пријателства се распаѓаат со текот на времето поради животните патишта, при што до 70 отсто од пријателствата завршуваат по седум години, вели таа.

Тој распад на пријателството може да се случи поради многу причини: Промени во околностите во нечиј живот, оддалечување, промена на приоритетите или одвојување поради тоа што двајцата се во различни фази од животот, според докторката.

- Судирите, недоразбирањата или неисполнетите очекувања, исто така, може да имаат улога. Овие промени се природни, како што луѓето „растат“ и се менуваат, но може да биде и тешко да се прифатат. Пријателствата може да завршат и кога една личност чувствува дека дава повеќе отколку што добива од својот пријател или ако еден пријател смета дека врската има повеќе негативно влијание врз нивните животи, отколку позитивно, вели д-р Ли.

„Јаху“ пренесува и искуства на испитаници кои доживеале такво раскинување на повеќедецениско пријателство. Испитаничката Џуди, на пр., по 25-годишни блиски односи, доживеала моментно разочарување кога дознала нејзината пријателка не ѝ поверувала оти е болна па почнала да шири озборувања за неа. За друга испитаничка, по име Кристина, развојот на различни приоритети довел до крај на 20-годишното пријателство. Имено, додека пријателката „секогаш се занимава со пари, кариера и надворешниот изглед“, Кристина го ценела семејството, пријателите и својот брак.

Вообичаено, како по правило, следи една случка којашто му става крај на таквото пријателство.

- Тие работи се основни за нашето чувство за поврзаност и идентитет, вели Ли.

Во некои случаи, ова може да предизвика подолго тагување. Крајот на пријателството може да ги засили чувствата на осаменост, отфрлање и збунетост, што може да влијае и на самодовербата.

- Се чувствував како да ми умрел некој. Дури и две години подоцна, сè уште сум тажна поради крајот на нашето пријателство, вели Џуди.

Од друга страна, пак, Кристина вели дека, по раскинувањето, сфатила колку нејзиното штетно пријателство ја исцрпило, па со тек на времето, вели, почувствувала олеснување.

- За романтичните врски најчесто се знае, и според културните обичаи, како завршува. Спротивно на тоа, раскинувањата на пријателството немаат јасни ритуали или какова треба да биде крајот, што може да ги направи уште понејасни и поболни, вели д-р Ли.

Секое раскинување остава лузни и траги, на пр., во облик на сомничавост и недоверба кон другите луѓе, што донекаде е и добра последица. Адријана Холнес - клинички психолог и основач на „Установата за психологија на вреднувањето и благосостојбата“ (Worth and Wellness Psychology), се согласува дека е „важно да се признае дека и таа повреда (по раскинување на пријателството) има своја тежина“ и заслужува исто толку грижа и внимание како и секоја друга значајна загуба.  си/сд/

Фото: Фрипик

Остани поврзан