• среда, 18 декември 2024

Раниери побара од навивачите на Рома да престанат да ги исвиркуваат играчите

Раниери побара од навивачите на Рома да престанат да ги исвиркуваат играчите

Рим, 15 ноември 2024 (МИА) - Тренерот на Рома, Клаудио Раниери повика на смиреност околу тимот и смета дека за таа цел играчите треба да бидат заштитени од критики. Поради понудата од неговите сакани „волци“, 73-годишниот стручњак се согласи да ја обнови кариерата откако претходно се пензионираше.

-Шефовите одлучија дека фигура како мене е многу важна за Рома во моментов. Ми рекоа дека сакаат тимот да си го врати високото ниво и затоа ме повикаа. Се откажав од тренерската работа, но добив многу понуди. Би се вратил само за Рома или Каљари, затоа и го направив тоа сега. Кариерата како фудбалер ја започнав овде и тука ќе ја завршам како тренер.Пред се, јас сум навивач на Рома и затоа сакам симпатизерите да не поддржуваат. Боли кога играш дома и те исвиркуваат. Верувам во среќа и верувам дека кога ќе ги следите своите цели и ќе работите напорно, на крајот шансите ќе бидат на ваша страна, изјави Раниери на својата прва прес-конференција.

Додаде дека ќе разговара со легендата на тимот, Франческо Тоти дали може да помогне, а веќе разговарал со поранешниот тренер, Даниеле Де Роси.

-Неодамна сите овде доживеаја шок, но се надевам дека сега сите заедно ќе работиме во иста насока, изјави Раниери. дс

Фото: Х/ АС Рома

Остани поврзан