• сабота, 23 ноември 2024

Рамштајн формат: Нов состанок за Украина ќе се одржи на 6 септември во Германија

Рамштајн формат: Нов состанок за Украина ќе се одржи на 6 септември во Германија

Берлин, 21 август 2024 (МИА) - Следниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина (Рамштајн формат) ќе се одржи во Германија на 6 септември, објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на американските воздухопловни сили во Европа.

„На 6 септември 2024 година, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе одржи состанок на Контакт групата за одбрана на Украина во американската воздухопловната база Рамштајн во Германија,“ се вели во соопштението.

Ова ќе биде 24-тиот состанок во Рамштајн формат. Претходниот се одржа на 13 јуни во Брисел, каде што беше разгледувано прашањето за зајакнување на воздушната одбрана на Украина. На таа средба, учесниците се фокусираа посебно на обезбедувањето системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, поради зголемените руски воздушни напади врз градовите и енергетската инфраструктура.

Контакт групата за одбрана на Украина, позната како „Рамштајн“ формат, обединува речиси 50 земји со цел координирање на напорите за поддршка на Украина во одбраната од руската агресија. Групата, предводена од САД, ги вклучува сите 31 членка на НАТО.

Аргентина, исто така, го најави своето членство во Контакт групата за одбрана на Украина, придружувајќи се на напорите за координирање на воената помош за Украина. ссм/

фото: архива

Остани поврзан