• сабота, 28 декември 2024

Рама: Планот за раст на Западен Балкан е голем тест на зрелоста што треба да го поминеме

Рама: Планот за раст на Западен Балкан е голем тест на зрелоста што треба да го поминеме

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - Премиерот на Албанија Еди Рама денеска на лидерски состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан порача дека ова претставува голем тест на зрелоста што треба да го поминеме.

Тој посочи дека договорите кои сега се дел од Планот за раст и заеднички пазар, се дел и од Отворен Балкан и тоа што требаше да биде Берлинскиот процес, за што сите требало да бидат посериозни, но што тоа се претворило во дневна политика и игри на моќ не само во регионот, туку и во ЕУ.   

-Кога зборев дека додека треба да чекаме ЕУ да не прими, ајде сите да се вклучиме, сите велеа, не, не. Ценетиот професор и поранешен премиер на Црна Гора, дури ми рече дека не може да се приклучат на процесот, бидејќи ќе се приклучат на ЕУ до 2025 година. Вистина, тоа ми го кажа и јас бев импресиониран, и му кажав, ајде прво ти приклучи се на ова, па ако се приклучите на ЕУ сите ќе ги затвориме нашите земји и ќе се приклучиме на Црна Гора. Така, влеговме во 2024 година и не сум информиран дека Црна Гора е во ЕУ, изјави Рама. 

Затоа, нагласи Рама, многу сум возбуден од ова, бидејќи како што рече иронично, „да се биде мотивиран од конкретен чекор од ЕУ е нешто историско“.  

-Затоа, извинете за мојот ентузијазам и оптимизам. Не сум глупав. Ви велам, навистина е добра причина да се биде оптимистичен денеска, откако синоќа имавме вечера, на која одеднаш сфативме дека можеме да имаме цивилизиран разговор и можеме да размислуваме за економијата и луѓето, без да ја имаме историјата меѓу секои два оброка, изјави Рама.  

Според Рама, за Планот за раст да успее потребно е да имаат редовни средби. 

-Ако сакаме да успееме министрите треба да ја заборават историјата и боите на знамињата и да ја гледаат само бојата на знамето на ЕУ. Техничката координација е особено важна и министрите за интегеграција на шесте земји од Западен Балкан треба да добијат јасна порака од политичките лидери – да бидат агностици кон историјата и далтонисти кон знамињата. Треба да ги заборават боите на нашите знамиња и единствено знаме, да се биде или не, е знамето на ЕУ, посочи Рама.

Претседателот на Владата на Црна Гора Милојко Спајиќ порача дека членството во ЕУ не значи да се биде само формално член на ЕУ, туку да се постигне и подлабока економска интеграција. Тој додаде дека на граѓаните треба да им се обезбедат видливи економски придобивки, да се еманципираат економски барем на просекот на ЕУ.

- Планот за раст на ЕУ е голема можност за сите нас. Планот за раст е голем сигнал за бизнисите на ЕУ да инвестираат и да се ангажираат во нашите земји. Тоа е сигнал дека овој регион сигурно ќе биде дел од големиот пазар, затоа што не е исто ако инвестирате во Црна Гора и ако сте несигурни дали вашиот пазар ќе биде пазар од половина милион луѓе или половина милијарда луѓе. Колку е помала нивната несигурност, толку повеќе ќе бидат подготвени да инвестираат во Црна Гора и сите наши земји, рече Спајиќ денеска во своето обраќање на лидерскиот состанок.

Тој додаде дека Црна Гора го поддржува единствениот пазар на ЕУ и како земја ќе ги вложат сите напори на политичко, техничко и на парламентарно ниво, и ќе направат се што треба за целиот регион да биде што е можно поблиску до ЕУ.

-Сметам дека е време, дека постои голем интерес во регионот од бизнисите во ЕУ, но ние мора да ги охрабриме нив, да пратиме порака за заедништво. Сметам дека добро го разбираме регионалниот пазар и сакаме да се вклучиме со сите земји, да бидеме добри соседи, да помогнеме на сите да ги зголемиме и подобриме економските и инфраструктурните врски. Потребна ни е поголема комуникација со ЕУ и поголем ангажман, додаде Спајиќ.

Во Црна Гора, како што рече, сега постои нова политичка волја и подготвени се да се ангажираат со нивните соседи и да бидат конструктивни за сите теми кои ќе се дискутираат денеска но и во иднина.

-Мора да си го завршиме нашиот дел од договорот. Во Црна Гора сега постои нова политичка волја, новата техничка способност која што можеби не постоеше до неодамна, и подготвени сме да се ангажираме со нашите соседи, да помогнеме онаму каде што можеме и секако да бидеме многу конструктивни на сите теми кои ќе ги дискутираме сега но и во иднина, рече Спајиќ.бт/ра/

Фото: принтскрин/Влада

Остани поврзан