• четврток, 26 декември 2024

Рама: Обврска и е на Алијансата да ги спаси Авганистанците

Рама: Обврска и е на Алијансата да ги спаси Авганистанците
Тирана, 31 август 2021 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама за ситуацијата во Авганистан и згрижувањето на многу авганистански граѓани во Албанија се осврнува во подолга статија, бидејќи, како што вели, „нивните животи се загрозени од талибанците“, јави дописничката на МИА од Тирана. „Знаеме дека стравот од странците влијае врз анкетите, изборот и обврските на партиите и политичарите, кои сакаат да ја добијат функцијата и ние го почитуваме тешкиот избор што треба да ги направат сите други земји. Но, кога се соочуваме со избор на живот и смрт за луѓето на кои треба да им помогнеме, нашиот пат е јасен“, вели Рама во статијата објавена во Топ чанел. Во однос на НАТО, тој вели дека „најмоќниот воен сојуз во светот не може да стане ентитет безрбетник во очите на авганистанскиот народ“. „Најмоќната воена алијанса во светот, изградена за да ги поддржи тие идеали со присуство на сила и моќ за пример, не може да стане ентитет безрбетник во очите на авганистанскиот народ и милиони луѓе во други земји кои сакаат да живеат во слободно, праведно и демократско општество. Сите ние, заедницата на нашите земји, мора да им дадеме надеж, засолниште и нов живот на сите оние кои ни веруваа, работеа за нас и се бореа за ветувањето за иднината што ја претставувавме“, додава Рама. Тој потсетува дека Албанија била единствена земја во светот која целосно ги заштитила Евреите во Втората светска војна, згрижила над 300 илјади косовски бегалци дека и албанските граѓани во еден период, по падот на комунизмот, пред 30 години, масовно бегале од земјата. Исто така, додава дека и денес Албанија, во согласност со традицијата на Албанецот, за кого според канонот „домот на Албанецот е дом на Бога и гостинот“, како членка на НАТО, била прва што прифатила да згрижи Авганистанци. „Денес Албанија е членка на НАТО, ужива во придобивките и го дели товарот на соработката. Со оглед на нашата историја, фер е ние да бидеме првата земја во светот која ќе обезбеди засолниште за илјадници бегалци што бегаат од талибанците. Сите членки на НАТО мора да ја признаат својата одговорност. Албанија е подготвена да го носи својот дел од товарот што сите земји на НАТО мора да го носат заедно. Но, сега прашувам: дали и Албанија, најсиромашната членка на Алијансата, може да менаџира со својот дел од товарот, која од другите земји -членки на НАТО не може, вели Рама. Во Албанија се пристигнати 607 Авганистанци, кои се сметени во Студенскиот град во Тирана, како и во хотели во Драч и Шенѓин. вт/паг/  

Остани поврзан