• четврток, 26 декември 2024

Рама: ЕУ се однесуваше како федерација на богати егоисти, без Русија, Кина и Турција немаше да излеземе на крај со пандемијата

Рама: ЕУ се однесуваше како федерација на богати егоисти, без Русија, Кина и Турција немаше да излеземе на крај со пандемијата
Тирана, 11 ноември 2022 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама, на мировниот форум во Париз, на кој присуствува по покана на францускиот претседател Емануел Макрон, уште еднаш потсети на периодот на пандемијата, критикувајќи ја позицијата на ЕУ, велејќи дека се однесувала како „федерација на богати егоисти“, јави дописничката на МИА од Тирана. Тој додал дека „да не била помошта од Кина, Русија и Турција не би излегле на крај со пандемијата со Ковид-19“ и побарал поголемо мобилизирање во иднина. - Видовме како ЕУ се однесува како федерација на богати и себични земји кои, соочени со стравот од смртта, бегаа од своите одговорности да ги делат вакцините со другите. Долго време го слушавме мотото дека треба да работиме со ЕУ, а што се случи - без Кина, Русија и Турција немаше да го преживееме првиот бран на пандемијата. Вакцините не дојдоа од ЕУ, туку од овие земји, рече Рама. Како што јавија албанските медиуми, тој додал дека Москва продолжува да има потенцијално влијание на Балканот, па затоа регионот треба да биде обединет. -Ако зборуваме за европската политичка заедница, добро знаеме дека Русија на Балканот има потенцијално влијание и може да предизвика најголема штета поради историските поделби. Имаме прашање за конечен мир меѓу Србија и Косово. Важно е да се види дека Балканот е обединет. Нашите земји постапуваат на ист начин во Обединетите нации. Затоа сакам да кажам дека сме во вистинска насока, оцени тој. Дообјаснувајќи зошто Западен Балкан е обединет, Рама рекол дека балканските држави исто гласале во Обединетите нации кога станува збор за осуда на рускиот напад врз Украина и заштита на нејзиниот територијален интегритет. вт/паг/

Остани поврзан