• петок, 27 декември 2024

Раководството на Комората во ТЕ-ТО: Ако централата работи со полн капацитет, компаниите ќе немаат проблем со набавка на струја

Раководството на Комората во ТЕ-ТО: Ако централата работи со полн капацитет, компаниите ќе немаат проблем со набавка на струја
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Централата ТЕ-ТО е еден од клучните капацитети во решавањето на енергетската криза. Денеска имавме разговори со менаџментот за да се договориме како заеднички да настапиме пред државата, за да можеме да изнајдеме решение за компаниите коишто, ако овој капацитет работи со полна сила, сигурно нема да имаат проблем со набавка на електрична енергија, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески при денешната посета на гасната централа ТЕ-ТО. На состанокот, на кој присуствуваа и потпретседателот на Комората Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев, генералниот директор на ТЕ-ТО АД Скопје Димитар Кочовски информираше дека централата работела до 1 октомври, а во моментов се прави ремонт. Планот е да се набави гас на слободниот пазар и веќе во ноември ТЕ-ТО да се стави во функција. Но, очекуваат државата да ја компензира штетата што била предизвикана на почетокот на оваа година. -ТЕ-ТО АД Скопје во првиот квартал од годинава го помогна енергетскиот систем во државата со 37 милиони евра, кои компанијата ги претрпе како загуба (изгубена добивка), поради што драстично се намали ликвидноста за следниот период. Сега се надеваме дека државата барем делумно ќе ја компензира оваа штета со цел да ја обновиме ликвидноста за да може централата нормално да функционира, истакна Кочовски. Тој информираше и дека ТЕ-ТО минатата година покрила 20 отсто од вкупната потрошувачка на струја во државата или 30 отсто од домашното производство дошло од гасната централа. Централата ТЕ-ТО е изградена во 2012 година, како приватна инвестиција. Основната дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус. Раководството на Стопанската комора денеска ја посети и ИТ компанијата „Ултра“, која укажа на падот на ИТ индустријата оваа година. Во разговорот акцент беше ставен на даночната регулатива, потребата од дерегулација и поголемо вклучување на домашните ИТ компании во процесот на дигитална трансформација на општеството. сст/лв/             .      

Остани поврзан