• сабота, 28 декември 2024

Раковиќ: Македонската нација има темел во историјата

Раковиќ: Македонската нација има темел во историјата
Охрид, 13 септември 2022 (МИА) - Македонската нација има темел во историјата, не е измислена како што тврдат некои, туку е создадена самосвесно во 19 век, тврди историчарот Александар Раковиќ, доктор на науки и соработник на Институтот за нова историја на Србија во Белград. Во однос на обвинувањата дека Македонија е коминтерновски производ (измислена од комунизмот), тој во интервју за Охридњуз посочува оти немаат темел во историјата и такви обвинувања имало и во Србија. - Навраќајќи се во 19 век, кога српските научници и политичари, кои претстојувале во Македонија, патувале низ земјата, која тогаш била дел од Отоманското царство, забележале дека постои во македонскиот народ, кој уште тогаш немал заеднички национален индентитет, една струја, особено во централната Македонија која не сака да припаѓа ни на српскиот, ниту на бугарскиот, ниту на грчкиот, ниту на турскиот народ, никому, туку да бидат самостојни – Македонци. Тоа е тој модел кој постанал доминантен на просторот на цела Македонија, појаснува Раковиќ во интервјуто за Охридњуз. Кај нашите политичари, додава, созреала свеста во седумдесеттите години на 19 век дека српството и македонството или македонизмот како што тоа го нарекувале тогаш во тоа време, можат заедно рака под рака и дека е најдобро за да се оттргнат од бугарската егзархија било токму преку афирмација на македонскиот идентитет. - Значи не да им се наметне на Македонците модел дека тие се Срби, туку точно да се афирмира нивниот самостоен идентитет. Додека бугаризмот и македонизмот се косат сами по себе, се исклучуваат еден од друг, вели Раковиќ. Комунистичка Југославија, според него, продолжила со афирмација на самостојниот македонски идентитет. - Значи тоа има своја генеза. Коминтерната не мислела така, а да не ги имала предвид претходните знаења за создавање на македонската нација пред, односно создавање на македонската нација многу порано, оттколку што многу луѓе мислат дека е создадена. Тоа е во 19 век, значи бил формиран нуклеус кој јасно водел кон тоа дека Македонците се формираат како посебен идентитет меѓу останатите идентитети, потенцира Раковиќ. Во разговорот за Охридњуз историчарот се осврнува и на решавањето на црковниот спор меѓу Македонската и Српската православна црква, прашање кое, како што нагласи, ги оптоварувала односите меѓу Србите и Македонците. Тоа прашање, нагласи, сега е решено и постои искрено и заедничко задоволство кај двата народа. - Има тука и таму некои гласови дека се било пребрзо, но подобро што беше така па се реши на ваков добар начин спорот, отколку да траеше долго и воопшто да не се решеше. Ова е историски момент на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква од страна на Српската црква кое сосема очекувано го следеше и Руската православна црква, додаде Раковиќ во интервјуто. сс/цр/

Остани поврзан