• четврток, 26 декември 2024

Разузнавачка служба на Естонија: Русија се подготвува за воен конфликт со Западот

Разузнавачка служба на Естонија: Русија се подготвува за воен конфликт со Западот

Талин, 13 февруари 2024 (МИА) - Русија се подготвува за воен конфликт со Западот во следната деценија и може да биде одвратена со контраактивно зголемување на вооружените сили, соопшти денеска естонската Надворешно разузнавачка служба.

Шефот на разузнавањето рече дека проценката се заснова на руските планови да го удвои бројот на сили стационирани долж нејзината граница со членките на НАТО - Финска и балтичките држави Естонија, Литванија и Летонија.

„Русија го избра патот на долгорочна конфронтација... и Кремљ веројатно предвидува можен конфликт со НАТО во следните десет години“, изјави Каупо Росин при објавувањето на извештајот за заканите по националната безбедност на Естонија.

Воен напад од страна на Русија е „многу малку веројатен“ на краток рок, рече тој.

„Ако не сме подготвени, веројатноста (за руски воен напад) би била многу поголема отколку без никакви подготовки“, додаде Росин.

Естонија и другите балтички земји ги зголемија своите воени трошоци на повеќе од 2 отсто од вредноста на нивните економии откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, а сојузниците на НАТО го зголемија своето присуство во тие земји.

Германија планира да има 4.800 борбено подготвени војници во регионот до 2027 година, во своето прво постојано странско распоредување по Втората светска војна, а Росин рече дека НАТО и неговите сојузници се движат во вистинската насока за да се спротивстават на руската закана.

Росин не очекува руски пробив во Украина пред претседателските избори во март, бидејќи за да се постигне таа цел би требало да се мобилизираат значително повеќе војници.

Осврнувајќи се на коментарите на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека нема да ги брани сојузниците кои не трошат доволно на одбраната, Росин рече дека „таквите изјави никогаш не се од помош“.

„Способноста на Русија да ги снабдува своите војници со муниција сè уште ја надминува онаа на Украина и доколку западната поддршка не биде задржана или зголемена, Украина веројатно нема да може да ја промени ситуацијата на бојното поле“, додаде тој. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан