• среда, 25 декември 2024

Разрешен директорот на струмичкото училиште во кое наставник е обвинет за полов напад врз дете

Разрешен директорот на струмичкото училиште во кое наставник е обвинет за полов напад врз дете
Струмица, 23 мај 2022 (МИА) - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го разреши директорот на училиштето од Струмица од кое наставник е осомничен за полов напад врз дете, а Основниот суд во Струмица на барање на ОЈО Струмица му одреди мерка притвор на наставникот во траење од 30 денови. Костадинов ја објави одлуката на својот Фејсбук-профил каде напиша дека е згрозен од наставникот во струмичко училиште кој недолично се однесувал со малолетна ученичка во истото училиште, а за кое СВР Струмица поднесе кривична пријава поради сомнение за полов напад врз дете -Секое злодело врз дете мора да се казни, но и луѓето на раководни позиции треба да понесат одговорност за кривичното дело на вработените. Без двоумење, а со силна желба за ред, дисциплина и одговорност додека сум јас градоначалник, денеска го потпишав решението за разрешување на директорот во училиштето. Ова нека биде опомена за сите. Најстроги казни за сторителите на кривични дела и разрешување на нивните раководители, напиша градоначалникот Костадинов. Од Основното јавно обвинителство во Струмица денеска соопштија дека донеле наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишник осомничен за кривично дело-полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 12 години. -Осомничениот, наставник во основно училиште во струмичко, во периодот од октомври 2020 година до мај 2022 година, преку социјална мрежа испраќал пораки со експлицитна сексуална содржина на ученичка која немала наполнето 14 години. Искористувајќи прилика кога останале сами во спортската сала на училиштето, тој во два наврати извршил и други полови дејствија, допирајќи ја и бакнувајќи ја оштетената, стои во соопштението на ОЈО Струмица. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица доставил предлог за определување мерка притвор, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоци или да го повтори делото. Судијата го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена. рт/ки/

Остани поврзан