Размена на искуства и добри практики помеѓу Црвен крст Куманово и Црвен крст Драч
- Заврши посетата на претставниците на општинската организација на Црвениот крст од Драч, Република Албанија во кумановската општинска организација на Црвениот крст, информираа денеска од организацијата. За време на дводневната посета претставниците од двете организации размениле искуства.
Куманово, 8 октомври 2025 (МИА) - Заврши посетата на претставниците на општинската организација на Црвениот крст од Драч, Република Албанија во кумановската општинска организација на Црвениот крст, информираа денеска од организацијата. За време на дводневната посета претставниците од двете организации размениле искуства.
За време на посетата беа презентирани активностите, програмите и проектите кои ги реализираат двете организации, со посебен акцент на младинската работа, социјалната поддршка и активностите во служба на заедницата. Во рамките на агендата беа посетени училишниот клуб на Црвен крст Куманово при ООУ „Христијан Карпош“, како и Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Волонтерите од клубот на млади при Црвен крст Куманово организираа и тим-билдинг работилница за зајакнување на соработката со колегите од Албанија.

- Средбата овозможи размена на искуства, идеи и добри практики во насока на унапредување на понатамошната соработка. Изразуваме благодарност до нашите партнери од Црвен крст Драч за посетата, за пријателството и за континуираната соработка. Во мај годинава ние го посетивме Драч и тамошната организација, изјави Ива Младеновска, секретар на Општинската организација на Црвен крст Куманово.
Таа додаде дека постои интерес и во иднина да се реализираат заеднички активности и проекти кои ќе придонесат за понатамошно зајакнување на регионалната соработка и афирмација на хуманитарните вредности. Освен со Драч, кумановскиот Црвен крст има слична соработка и со организацијата од Лесковац, Србија. ам/мд/
Фото: Црвен Крст Куманово