Разговор со Ана Голејшка во Градската библиотека во Скопје
- Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе се одржи разговор со поетесата Ана Голејшка Џикова, чија стихозбирка „Слобода А“ е книга за месец декември.
Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе се одржи разговор со поетесата Ана Голејшка Џикова, чија стихозбирка „Слобода А“ е книга за месец декември.
- „Слобода А“ е збир од сите премолчени вресоци, сите трансформации на моето тело и ум, промислувања на младоста, лудоста, вербата и (не)довербата кон сѐ што ми се чинеше можно низ создадените песни. Иако е пишувана во различни временски зони, ефектот на корона периодот остави најголема трага. Впрочем, како и кај сите кои творевме за да не побудалиме, вели поетесата.
Ана Голејшка Џикова (Скопје, 1987) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Автор е на стихозбирките „Љубов на улица“(2013, Култура) „ Напишан дом“ (2018, Антолог); и „Слобода А“ (2022, ПНВ Публикации), на сликовниците за деца: „Веселата зграда“ (2019, Арс Ламина) во соработка со илустраторот Драган Китановски ‒ Драш, „Лисичката плетачка“ (2020, Арт и арт студио Батев) и „Лепчето што расте“ (2020, Арт и арт студио Батев), обете во соработка со илустраторката Иванка НиБа.
Нејзини песни и куси раскази се објавени во неколку македонски поетски антологии и антологии на куса проза, а редовно објавува и во периодиката. Стиховите ѝ се препеани на српски, турски, германски и на англиски јазик. Учествувала на бројни поетски читања во земјата и во странство. Со поетот Ѓоко Здравески ги основаа и ги водеа книжевните читања „Астални проекции“ во Скопје и коавтори се на монографијата „Астални проекции“ (2018, Бегемот). Била член на организацискиот одбор на „Скопски поетски фестивал“. Работи како професорка по македонски јазик и книжевност во Американското средно училиште во Скопје.
Разговорот со Ана Голејшка Џикова ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Разговорот со авторот, книгата на месецот и клубот на читатели се трите стандардни сегменти на големата кампања „Читаме современи македонски автори“, за која ГБСК го доби признанието Промотор на читачката култура според Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).бт/лв/
Фото: плакат