• четврток, 26 декември 2024

Развојна банка: Нови банки вклучени во државната гарантна шема

Развојна банка: Нови банки вклучени во државната гарантна шема
Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) - Осум банки досега се вклучија во државната гарантна шема на Развојната банка со потпишување на договор за издавање на портфолио гаранција од Гарантниот фонд. Со портфолио гаранцијата, банките или штедилниците можат да обезбедат кредити одобрени за микро, мали и средни фирми во доминантна приватна сопственост. Кредитите може да бидат за основни или обртни средства, со рок на отплата до осум години за основни средства и до три години за обртни средства. Гаранцијата за кредити за основни средства може да биде до 50 проценти од износот на главницата на кредитот, додека гаранцијата за кредити за обртни средства до 80 проценти од износот на главницата на кредитот. Кредитите кои може да бидат ставени под портфолио гаранција треба да бидат со максимален износ до 30.750.000 денари. Развојната банка на Северна Македонија до денес има издадено портфолио гаранции кон Стопанска банка АД Битола, УНИ банка АД Скопје, Централна Кооперативна банка АД Скопје, Капитал банка АД Скопје, Халкбанк АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и Прокредит банка АД Скопје. Овие осум банки на своите клиенти можат да им понудат дополнителен колатерал обезбеден преку гаранцијата од Гарантниот фонд. - Листата на банки и штедилници кои се дел од гарантната шема, се очекува да се шири и понатаму, велат од Развојната банка. Гарантната шема е дел од сетот економски мерки донесени од Владата заради справување со последиците од пандемијата и е дел од Планот за забрзан економски раст. Со дополнување на Законот за Развојната банка се формираше Гарантниот фонд како посебна организациона единица. Преку Гарантниот фонд се реализираат два производи: портфолио гаранции кон банки и штедилници за поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни трговци и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз за кои големите компании може да се обратат директно до Развојната банка. Банките кои се вклучени во кредитно-гарантната шема се објавени на веб страницата на Развојната банка, во делот „Производи - Гаранции - Портфолио гаранции“. бак/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан