• среда, 18 декември 2024

Радмила Петровиќ за МИА: Патријархатот ги спречува жените да ја живеат целосната природа на својата женскост

Радмила Петровиќ за МИА: Патријархатот ги спречува жените да ја живеат целосната природа на својата женскост
Скопје, 4 септември 2022 (МИА) – Радмила Петровиќ е „шмеќер“ девојка, има ноже во џебот и жица во брусхалтерот. Таа е жена на која што никогаш не ѝ простија што не е маж и е малку од синот што нејзиниот татко отсекогаш го посакувал. Единствено што сака е некој со кој ќе го расклопи татковиот трактор во тишина. Српската авторка е родена во 1996 година во Ужице. Пишува за судирот помеѓу традиционалното и модерното, го разглобува патријахалното начело и женското прашање и го соочува селото со градот. Како лауреатка на 42. Лимски поетски вечери ја објавува збирката поезија „Мирисот на земјата“ (2014), а како победничка на 22. Поетски конкурс „Десанка Максимовиќ“ збирката „Целулозен рокенрол“ (2015). Нејзината трета збирка „Мајка ми знае што се случува по градовите“ е прва книга што е преведена на македонски јазик во издание на „ПНВ публикации“. Преку нејзини стихови, МИА ја праша за нејзината приказна, за која, таа најпрво ни откри дека смета дека сѐ уште не ѝ простиле што е Радмила, и дека нејзината мајка, всушност, не знае што се случува по градовите. „Секогаш успевав сѐ да направам како што треба, а тие никогаш не ми простија дека сум Радмила“ стои во еден од стиховите на „Пред да тргнам на училиште знаев што е одземање“, песна во која таа го опишува моментот на нејзиното раѓање и разочараност од семејството што се родила трето женско. Ти простија ли што си Радмила? - Не верувам. Такви работи како што се предадени родителски очекувања се, за жал, интернализирани, па подобро е да се праша дали јас себе си сум си простила што сум Радмила. Дали сметаш дека доколку би се родила сега нема да ти замерат што си Радмила? - Таму каде што се родив, времето е по многу прашања застанато, така што, би се родила во иста временска рамка и повторно никој немаше да го прослави моето раѓање. Во „Девојки што не веруваат во митови“ пишува за долгоногите девојки што сами шетаат додека се топат првите снегулки на покривот на хотел Москва. - Пријди им само ако можеш да го засакаш мажот во нив, стои во песната. Колку е тешко да се засака „мажот“ во една девојка? - Ако е тешко, нема од тоа ништо. Тежината и љубовта не треба да се најдат во иста реченица. Ако, сепак, се најдат, нешто не е во ред. Една од нејзините песни гласи „Нема со кого наизменично да плукам паста за заби во лавабо“. - Подеднакво е важно да бидеш способен да имаш некој со кој наизменично ќе плукаш паста за заби во мијалникот, како и да немаш со кого, некое време. Второто ја одразува самодовербата и зрелоста на личноста. Она со кое навистина треба да научиш да се справуваш и да живееш во мир е всушност себе си, а потоа лесно ќе се справуваш со другите. За насловот на стихозбирката „Мајка ми знае што се случува по градовите", Петровиќ ни открива дека е ироничен. - Насловот „Мајка ми знае што се случува по градовите" е ироничен. Во мојата глава тој ја претставува мајката од селото која ѝ кажува на ќерка ѝ што е лошо и опасно што може да се случи во градот, а самата мајка никогаш не престојувала во него. Сакав наслов кој е ироничен, но на тажен начин. Си го најдоа ли жените своето место во селото? - Би било убаво ако жените имаа шанса да го бараат своето место. Меѓутоа, општеството вложило доволно напор да ги смести како што му одговара, односно, како што на мажите им одговара, а тие дури и не го сфаќаат тоа. Повеќето од нив послушно ја играат доделената „улога“, која е во нечиј друг интерес, бидејќи, при растењето со жените од село, видов дека тие дефинитивно не живеат во нивен најдобар интерес. „Од сѐ на светов што можев да бидам, бев само женско, вели Радованка. Пците на село никогаш не ги ценевме, а да се биде жена е полошо и од пес“, стои во еден стих. Оттаму прашањето, зошто да се биде жена е полошо од пес? - Бидејќи кога лошо се однесуваш со куче, тоа гризе, а жените се воспитани дека е во ред да бидат угнетени и помалку почитувани. Колку денеска патријархалното начело го загрозува женското прашање и дали има некаков прогрес од порано? - Патријархатот ги спречува жените да ја живеат целосната природа на својата женскост. Патријархатот ги осакатува жените за да ги стави „во служба“ на мажите. Напредокот постои. Интересно е што за прв пат за него се изборија американски жени и дека таму, сега, не толку парадоксално, тој се повлекува, бидејќи ако тешко изборените права на генерации кои не се бореле за нив се земат здраво за готово, токму тоа се случува. Ако убиеш жена, на Балканот најчесто ќе одговараш. Правото на абортус сѐ уште постои. Но, нееднаквоста и отсуството на права започнуваат многу порано, а тоа е уште кога ве воспитуваат што се очекува од вас бидејќи сте родени како жена. Тука се создава неслобода и притисок, со што се поставува прашањето, каков живот би одбрале жените да живеат доколку се навистина психолошки и технички слободни. Ваков сметам дека не би избрале. „Таму каде што пораснав, не им се искажува нежност на луѓето, таа се чува за маченцата што ќе се окотат в штала. Таму ќе научиш некои фори, потоа ќе заминеш далеку и бараш маж што на нив не паѓа, пишува во песната „Шума, плуг, јаглика“. Петровиќ смета дека нејзиното потекло од село е хендикеп можеби насекаде, освен во поезијата или уметноста воопшто. - Животот во село може да биде прилично суров, поради менталитетот на малата средина и поради отсуството на многу можности кои ги имате ако пораснете во град. Да не зборуваме за позицијата на жените во село кои често немаат здравствено осигурување и се изложени на семејно насилство. На прашањето за песната „Дал’ тагата е од село?“ појаснува дека лирскиот предмет прашува дали тагата е од селото обидувајќи се да утврди зошто се чувствува така како што се чувствува. Колку и како поезијата може да го разбие традиционалното од модерното? - Кога слушам традиционално, слушам „онака како што се совпаѓа со принципите на машката доминација“. Сѐ што е современо на Балканот е прифатено, освен ако тоа не ги наруши оние кои владеат. Ако тоа ги вознемирува, те обвинуваат дека ја прекршуваш таа света традиција. Како жена и поет, би сакала да ја прекинам традицијата од било каков вид. Што е традиција не треба да биде прашање, туку што и како сакаме во моментот. Поезијата, верувам во нејзината сила, ако ништо друго, може да ни помогне да „освестиме“ многу работи. Петровиќ вели дека е едно со поезијата, а инспирацијата за пишување најмногу ја пронаоѓа во својата желба и кога тоа некому помага. - Сѐ што кажав, многу сакав да кажам, а сметам дека публиката тоа го забележа. Дали сметаш дека поезијата денеска наидува на доволно помош и поддршка за нејзин непречен развој и што може да се подобри? - Добрата работа е што на поезијата во основа не ѝ треба помош за да преживее. Во нашите простори, кога зборуваме за културата и уметноста, за жал, претежно зборуваме во поглед на исчезнување или преживување. Како економист, верувам дека преминувањето на терминот „развој“ ќе бара инвестирање пари. Велат, нема за ова, има други приоритети. Со што не се согласувам, бидејќи, што е она по кое некоја држава се издвојува, ако не по уметниците и уметноста која доаѓа од неа. Годинава, публиката имаше можност да ја чуе Радмила Петровиќ во рамките на второто издание од Скопски поетски фестивал кој се одржа од 29 август до 1 септември. - Бев почестена што сум дел од Скопскиот поетски фестивал и што имав можност да читам во тоа одбрано друштво. Голема Благодарност до домаќините. Само сакам некој со кој ќе го расклопиме тракторот на татко ми во тишина  јас сум шмеќер-девојка имам ноже во џебот и жица во брусхалтерот го ставав срцето под хипотека сакав да градиме дом сега не сум сигурна дали некој од нив ме сакаше но го пуштив минатото тоа и да остане јас, тато, прва се пробивам низ снегот и цветам, како кукурек бирав храна, станував доцна нема корист од таквите, велеше а знаеш, тато, каква жена ќе бидам јака како лозинка на мејл нема да се шминкам, ќе се хранам здраво на моето чело ќе пишува органик нема да одам сама ќе бидам девојка-ајдучка трева онаква каква што никогаш не би оженил ќе преживеам кога громови ќе удираат во трафостаницата, кога спикерот зборува не излегувајте без итна потреба а пензионерите кршат колкови на тротоар сама сум, тато, бидејќи сум лутиче-девојка мелем, ако ме наслониш на кожа а кога ме држиш предолго, отворам рани јас сум свежа билка, тато, и суво сум билје што на таванот чека да ставиш чај само никогаш не почувствував дека сум мајчина или твоја душица ама, простив тракторот стартуваше в зори и се враќаше кога ќе падне мрак не е време моите родители напорно работеа за мене Ангела Рајчевска Фотографија: Фросина Насковиќ  

Остани поврзан