• понеделник, 21 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Работниците од тетовската печатница „Напредок“, која е во стечај, бараат да им се исплатат 10 заостанати плати

Работниците од тетовската печатница „Напредок“, која е во стечај, бараат да им се исплатат 10 заостанати плати

Тетово, 9 април 2025 (МИА) - Откако тетовската печатница „Напредок“ беше преземена од друга фирма и минатата година отиде во стечај, голготата на нејзините работници никако да заврши. Наредниот месец завршува стечајната постапка, а работниците најверојатно ќе останат без исплатени 10 плати кои им ги должи фирмата која ја презеде печатницата. Дел од нив успеале да се вработат во други фирми, но, четириесетина долгогодишни работници на печатницата „Напредок“ и натаму се без работа и во исклучително тешка состојба.

- Стечајниот рок завршува наредниот месец, а ние најверојатно остануваме без пари. Ние немаме никаков контакт со стечајната управителка. Сме праќале пораки до неа, но таа воопшто не комуницира со нас. Сме биле присутни на рочиштата за стечајната постапка, но и тие постојано се откажуваа, де некој бил болен, де некој не дошол и така. Нас никој не не праша како ни е. Ги молиме институциите да преземат мерки зошто повеќе не можеме да молчиме и ќе преземеме поригорозни мерки. Зарем вака нашите животи не се загрозени, вели Живка Димовска, работничка во стечај.

Ваквата тешка и неизвесна состојба на овие работници трае веќе 14 месеци. Сега дел од управната зграда на некогашната печатница „Напредок“ веќе е издадена под наем на една трговска фирма која тука отвори голем супермаркет, но и покрај тоа за овие четириесетина работници нема пари да им се исплатат заостанатите плати. ас/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан