• сабота, 28 декември 2024

Работилница со австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл на „Киненова“

Работилница со австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл на „Киненова“

17 октомври 2024 

Во Кинотеката на Македонија денеска, во рамките на програмата на МФФ Киненова, се одржа работилница со истакнатиот австриски режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл, годинашен лауреат на Фестивалот.

-Мојот интерес беше насочен кон визуелната уметноста. Особено ме интересираа фотографијата и сликарството. Сакав на визуелен начин да ја пренесам мојата порака. Ме интересираше визуелното, а не текстот, не книжевното. Кога се обидувам да  конципирам филм во преден план е визуелното, а не дијалогот, рече денеска Зајдл пред присутните во Кинотеката.

Рече дека бил одгледан во католичко семејство и незамисливо било да и се посвети на филмската уметност. Студирал публицистика и театарска уметност и навлегол во различни милјеа и различни луѓе кои биле негово животно училиште. Раскажа дека работел како возач, но и како службеник во Пошта...

-На почетокот сакав да станам кинематографер, но на Виенската академија за филм сфатив дека јас не сум тој што ќе работи на туѓи филмови, туку сам ќе изработувам филмови на начин како што јас сакам. Почнав да се занимавам со документарни филмови затоа што буџетски се поедноставни и поради тоа што кај овие филмови немав контрола од ниту една институција, имав слобода, рече Зајдл.

Зајдл проговори и за темите кои го окупираат, секојдневието и реалноста за него како тема.

-Стварноста во сите мои филмови беше појдовна точка. Јас не ја отсликувам, туку црпам од стварноста. Никогаш не се обидував да ја отсликам реалноста, да ја уловам. Во првиот мој филм за кино беше „Добра вест“ кој говори за колпортерите во Австрија кои продаваат весници на повеќе места низ градот. Порано ги имаше на секоја станица, раскрсница, метро станица, сега веќе не е така и сакав да дознам како изгледа нивниот живот, како ги плаќаат, што им е мотивот за работа, каква е нивната социјална положба. Но, од првата идеја да го откријам животот на овие странци, преминав на истражување за животот на Австријците за кој пишуваат весниците кои ги продаваат странците. Кога она што ќе го подготвев ќе им го прикажев на институциите кои го поддржуваа филмот доаѓаше до сканал, бидејќи не очекуваа да го видат тоа што го гледаа. Ме сфаќаа како „загадувач на гнездото“ бидејќи го покажував вистинското лице на градот и како луѓето постапуваат по прашањата на расизмот и други горливи прашања. И така мојот филм доби функција на огледало за публиката. Секогаш кога ги гледаат моите филмови тие се огледуваат, се препознаваат себе си. Некои го прифаќаат тоа, но има и такви кои го обвинуваат режисерот поради тоа што покажал нешто што тие не сакаат да го видат, раскажа Зајдл.

Во однос на изборот на темата, локацијата и тимот со кој работи, Зајдл рече дека различно пристапува кај секој филм. 

-Во „Спарта“ на пример, актерот беше иницијална каписла за филмот. Филмот му е проспособен на актерот. За втората приказна појдовната точка беше вистинската приказна, а третата идеја беше чиста фикција, откри Зајдл.

Неговото долгометражно деби КУЧЕШКИ ДЕНОВИ (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. Тој денеска откри дека идејата била да создаде различни епизоди за повеќе луѓе. Во фокусот е секојдневието, но тие ликови требаше да се поврзат, а тоа што ги поврзува е пеколната горештина. Гледачот требаше гледајќи ја приказната на еден лик, да премине во приказната на друг лик, како еден вид трка со штафета, раскажа режисерот.

Истакна дека неговото сценарио не содржи дијалози, туку сцени без технички упатства, односно прозни описи на сцените. Рече дека е важно актерите без оглед дали се професионални актери или натуршчици, не добиваат сценарио кога го снимаат филмот.

-Не сакам актерите да дојдат на снимање со однапред формирана идеја. Не сакам така да дојдат на сетот, туку сакам да не знаат што ќе снимаат. Услов за овој начин на работа е пред снимањето да поминам доволно време со актерите. На секој актер мора да му биде јасно која улога ја игра. Кај мене во филмовите половина од актерите се професионални, а другата половина се натуршчици. Тоа е многу интересен начин за работа, бидејќи кај професионалците ситуацијата е појасна, но кај непрофесионалните актери ако се талентирани, тогаш тие се исклучително автентични пред камерата. Се се одвива спонтано и тие се сместени во автентично опкружување. Таков е примерот со филмот УВОЗ, ИЗВОЗ (2007) кој беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан. Филмот е снимен во психијатриска болница, со вистински пациенти кои се дементни што се таму сместени, но снимањето се одвиваше со актери. Мислам дека на овој начин публиката има чувство на вистинитост, откри Зајдл.

Тој рече дека едно е да се опише улогата, а сосема друго е да се најде соодветен актер но едното и другот се влеваат во една целина. 

-Актерот кога ја реализира улогата внесува многу сопствени, лични елементи. Улогата и личното се испреплетуваат бидејќи секој актер носи свои лични особини што ги внесува во веќе опишаната улога. Актерите не смеат да имаа табуа во главите. Тие мора да и се посветат на сцената со целата своја интима. Така во „Рај: Љубов“ главната протагонистка беше актерка од Австрија, додека црните момчиња од плажата беа натуршчици од Кенија. Таа мораше телесно да се  предаде во контактот со црните момчиња. Ако го одбиеше тоа немаше да дојде во предвид за улогата. За кастингот бев со актерките во Кенија и видов како се однесуваат и потоа ја донесов одлуката која актерка ќе ја добие улогата, рече Зајдл.

МФФ Киненова

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан