• четврток, 26 декември 2024

Работилница за дизајнирање на видео игри за основците во Делчево

Работилница за дизајнирање на видео игри за основците во Делчево
Делчево, 9 јуни 2022 (МИА) - Во организација на УМПАКИ Скопје, денеска во Делчево се одржа работилница за дизајн на видео игри и основи за креирање видео игри. На работилницата учествуваа млади од повеќе возрасни генерации, а идејата, како што истакнаа организаторите, е младите да се запознаат со концептите поврзани со дизајнирање на видео игри на забавен и лесно разбирлив начин.
Работилницата ја менторираше Милан Петровски, кој работи во гејминг индустријата од 17 години и е пионер во ,,ви-ар" и ,,еј-ар" развојот во Северна Македонија.
-Моите почетоци се како 3Д артист, со транзиција во девелопер. Имам работено на неколку едукативни игри од кои една е „Лунесол - Игра за Промени" (Game 4 Change) за противрадикален и насилен екстремизам. Специјалност ми е 3D Environment Artist, Анимации, Gameplay Програмирање, AI и исто така работам и на тренинзи и симулации во виртуелна реалност за обука на стручен кадар, истакна Петровски.
Паралелно во соработка со „Go Green“ денеска во Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ се одржа и предавање за намалување, реупотреба и селекција на отпад.
-Во рамки на предавањето беше претставена еко-иновацијата – мобилна станица за селекција со соларни панели кои ја создаваат струјата потребна за проекцијата на филмот кој следуваше потоа, информираа од Центарот за култура „Н.Ј.Вапцаров".
Проектот ќе продолжи со реализација и во наредните денови, со проекции на филмови во неколку градови, а ќе трае се до 13 јуни кога ќе бидат прогласени и победниците за најдобар концепт за видео игра.
Настаните се дел од проектот „Видеоигротека“, што се реализира со поддршка од Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ. вс/бак/

Остани поврзан