• недела, 17 ноември 2024

Пчелите и медот да бидат заштитени со закон, граѓаните да научат како се препознава вистински мед

Пчелите и медот да бидат заштитени со закон, граѓаните да научат како се препознава вистински мед
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Медот во земјава повеќе се консумира како лек, а не како храна. Трошиме помалку од еден килограм по глава на жител, за разлика од Словенија која троши девет или Јапонија која троши 16 килограми по глава на жител. Да го смениме односот и да го прифатиме медот како значаен производ во исхраната. Да се едуцираме повеќе и да научиме како се препознава вистински, квалитетен мед, а државата да го заштити со закон. Ова е пораката од годинашната 17. манифестација Денови на македонскиот мед што беше отворена денеска, а ќе трае до 26 септември. На штандовите поставени долж улицата „Македонија“ во центарот на Скопје, посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед, полен, восок и други производи од наши македонски пчелари. - Бараме, како тутнот, грозјето и други земјоделски производи и пчелите и медот да бидат законски заштитени и гарантирани. Општо е познато што пишуваат странските медиуми за нашите природни услови, кои се исклучително наклонети за производство на квалитетен мед. Со тоа можеме да се гордееме, но треба и да го сочуваме, рече претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билбиловски. Тој истакна дека денес, за жал, се поприсутен е мед кој се меша со различни сирупи за да се добие профит. Со тоа се уништуваат неговите природни својства, а кај луѓето се јавуваат аномалии и најразлични заболувања. - Нам, на пчеларите, ни останува да ја вратиме довербата кај потрошувачите, а тоа можеме да го направиме само со едукација и со поддршка од надлежните институциии. Најважна наша цел е преку непосредни контакти, да ги едуцираме граѓаните како да препознаат вистински мед во напливот на фалсификати, но сакаме да укажеме и колкава е важноста на медот во секојкдневната исхрана, подвлече Билбиловски. Министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, кој официјално ја отвори манифестацијата, рече дека да се има сопствен македонски мед, а притоа и автохтон вид македонска пчела, е причина за гордеење, дополнително, ако се знае дека нашиот мед на сите светски манифестации, саеми и натпревари ги добива највисоките награди, како потврда за неговиот квалитет. Хоџа нагласи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) силно го поддржува развојот на пчеларството, а уште една можност за развој на оваа гранка е и ИПАРД 2 програмата преку која се склучени 46 договори со вкупна финансиска поддршка од околу 120 000 евра. Неодамна, додаде министерот, беа исплатени и субвенциите за пчеларство во износ од 3,2 милиона евра. - Сите овие податоци укажуваат дека пчеларењето кај нас станува се попривлечна гранка, за што говорат и податоците од АХВ за континуирано зголемување на бројот пчелни семејства и одгледувалишта. Во последните десет години, бројот на пчелни семејства е удвоен и денес изнесува 312 623, а бројот на одгледувалишта е зголемен за дури четири пати и денес е 11 075, потенцира министерот. Според него, во Програмата за финансиска поддршка се вклучени неколку подмерки за субвенционирање на медоносното растение фацелија, со и без сертифициран семенски материјал. Покачена е и субвенцијата за пчелно семејство од 600 на 800 денари. - За поголема поддршка, овозможивме пчелари со пет пчелни семејства да се регистрираат и да аплицираат за добивање субвенции. Овозможивме субвенција од 1.000 денари по пчелно семејство кое е во контрола и е вклучено во селекција за производство на пчелни матици, а во насока на стимулирање на органско производство на мед овозможивме дополнително плаќање од 50 проценти. Со мерката за рурална жена и млад земјоделец, овозможивме уште еден дополнителен стимул за развој на пчеларството. Според досегашните информации од Платежната агенција, интерсеот е голем особено кај младите земјоделци. Жените земјоделки, пак, преку Правилникот за продажба од куќен праг, можат на легален начин да ги продаваат медот и пчелните производи што, исто така, е уште еден мотив да се одбере пчеларењето како важна сточарска гранка со голем потенцијал, рече Хоџа. На манифестацијата уште еднаш беше истакнато дека медот е најздравата храна и најдобриот природен лек. - Медот никогаш не се расипува и е исклучително богат со минерали, витамини и антиоксиданси поради што се вбројува во суперхрана и супер лек, велат производителите – изложувачи. Деновите на македонскиот мед ги организира пчеларското здружение „Матица“, со финансиска поддршка од МЗШВ. Посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед и други пчелни производи од наши, македонски пчелари, но и да добијат, ако сакаат, совети како да се препознае квалитетен, вистински мед. И годинава, поради КОВИД-пандемијата, на отворањето немаше деца од градинките чиј настап досега беше традиција, но, како што информира Билбиловски, членови на „Матица“ изминатите денови посетиле неколку училишта и ги едуцирале првачињата за значењето на медот и неговата консумација. Годинашните Денови на македонскиот мед имаат и хуманитарен карактер - обезбедија мед и други пчелни производи за децата со попреченост. мч/сп/

Остани поврзан