Пчеларска вечер организирана од Здружението „Пијанечка пчела 2"
- За делчевското здружение, како што посочи неговиот претседател Јованчо Медарски, годинава ќе биде важна бидејќи се прават напори да се организира манифестацијата Денови на Пијанечкиот мед.

Делчево, 24 февруари 2025 (МИА) - Здружувањето на пчеларите е од особена важност за надминување на предизвиците со кои се соочуваат во изминатаите години. Ова е констатацијата на претседателот на Пчеларската федерација, д-р Јане Марков, кој присуствуваше на заедничката дружба на пчеларите од Пијанец и Малеш, организирана од Здружението „Пијанечка пчела 2", која се одржа по повод одбележувањето на Св.Харалампиј, заштитник на пчеларите.
-За било што да е, треба здружување. Секој ако мисли дека може сам, тоа е тешко. Ако ги земеме, овците, сама овца не може, пчелите уште помалку можат сами. Во денешно време поради климатските промени, со исхраната не им одговара, бидејќи не можат да си најдат од природата, не можат да си најдат храна, бидејќи на едноврсна храна никој не опстојува и затоа е потребно заеднички тука пчеларите да си помагаат, истакна Марков.
Тој им порача на пчеларите за секоја промена што ја забележуваат на нивните пчеларници, навремено да реагираат.
-Од болестите најважно е крлежот да го контролираме. Самите крлежи цицајќи ја лимфата пренесуваат и вируси, вируси на широки крила, на матицата. Сега имаме и една бубачка која доаѓа, која снесува јајца и ги уништува пчелите. Сето тоа треба да се контролира бидејќи кога нешто го држиш под контрола е многу полесно да се справиш со него. Од таа страна, треба и во тој дел да научиме ако се појави некоја болест да се консултираме, за да навреме се интервенира, додаде Марков.
Годината што измина иако не била задоволителна кога е родот во прашање, според Весна Билјарска е најважно што пчелите презимиле без проблеми.
-Генерално, кај нас е добро моментално, сите пчели - околу 65 ни се живи, односно немаме смртност кај нив, се развиваат одлично. Кога е родот во прашање, средно добро поминавме лани. Што се однесува за оваа година според климатските услови, годината е добра сега за сега па ќе видиме, вели Билјарска.
За делчевското здружение, како што посочи неговиот претседател Јованчо Медарски, годинава ќе биде важна бидејќи се прават напори да се организира манифестацијата Денови на Пијанечкиот мед.
-Планот е да се почне со едукативни активности во училиштата, а потоа да се побара поддршка од Општината истата да влезе во календарот на настани од туристичко значење, бидејќи главна цел е промоција на регионот, истакна Медарски.
На заедничкиот настан пчеларите од Пијанец го одбраа пчеларот Митко Антовски за нов кум за наредната година, кога повторно на Св.Харалампиј ќе се одржи Пчеларска вечер. вс/хс/
Фото: МИА