• сабота, 23 ноември 2024

Пуџдемон: Шпанските судии го исполитизираа случајот и наредија мое апсење

Пуџдемон: Шпанските судии го исполитизираа случајот и наредија мое апсење

Брисел, 16 август 2024 (МИА) – Каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон изјави дека одлучил да се врати во Шпанија од егзил и покрај ризикот да биде уапсен. Тој ги обвини шпанските судии дека го исполитизирале случајот и наредија негово апсење.

Пуџдемон на 6 август се врати во Каталонија, а на 8 август се појави пред приврзаниците во Барселона, бидејќи сакаше да учествува на инаугурацијата на новиот каталонски лидер Салвадоре Иле. Тој на митингот истакна дека неговата цел е да го оживее сепаратистичкото движење во Каталонија, што згасна по неуспешниот референдум во 2017 година, кој Мадрид го прогласи за незаконски.

Тој тврди дека нема законска основа за негово гонење и апсење, бидејќи со тоа се кршат меѓународните норми и закони усвоени од шпанскиот Парламент.

- Не се вратив во Каталонија за да ме уапсат. Се вратив за да го искористам правото да се спротивставам на угнетувањето, посочи Пуџдемон.

Тој негира дека морал да се скрие во багажникот за да избегне апсење, тврдејќи оти заминал за Франција со приватно возило, а потоа се вратил во Белгија.

Пуџддемон изрази надеж дека „еден ден ќе се врати правдата во шпанските судови“ за трајно да се врати дома, а дека судиите ќе го почитуваат законот усвоен од шпанскиот Парламент за амнестија на каталонските сепаратисти кои организираа референдум за независност на Каталонија од Шпанија во 2017 година.

Пуџдемон е обвинет од Врховниот суд на Шпанија за проневера односно доброволните прилози за финансирање на референдумот биле користени за лично богатење. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан