Пуштено во употреба метрото во Солун (ДПЛ)
- По речиси 18 години од почетокот на изградбата, метрото во Солун од денеска е во функција, а беше пуштено во употреба, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во присуство на претседателката Катерина Сакеларопулу и надлежните министри, симболично го притисна копчето за почеток со што тргна и првото метро, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 ноември 2024 (МИА) – По речиси 18 години од почетокот на изградбата, метрото во Солун од денеска е во функција, а беше пуштено во употреба, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во присуство на претседателката Катерина Сакеларопулу и надлежните министри, симболично го притисна копчето за почеток со што тргна и првото метро, јави дописничката на МИА од Атина.
Претходно се одржа свечена церемонија со присуство на државниот врв, додека пак пред дел од метро станиците беа насобрани граѓани кои и покрај дождот, чекаа да се отворат станиците за да го видат метрото и да се повозат.
Главната линија на метрото е во должина од 9,6 километри со два независни тунели со една насока, има 13 модерни станици, ќе сообраќаат 18 најсовремени автоматски метроа без возач, но со придружник, максималниот капацитет е 18.000 патници на час во еден правец.
Процените се дека дневниот патнички сообраќај ќе биде околу 240.000 патници, но и дека на солунските улици секојдневно ќе сообраќајот 57.000 возила помалку.
Со метрото, за 17 минути ќе се стигнува од едниот на другиот крај на градот, билетот ќе чини 60 центи и ќе важи 70 минути.
Дополнително, на станиците ќе бидат вклучени и археолошките откритија пронајдени за време на изградбата, а на станицата „Венизелос“ се на површина од 1.260 метри квадратн, со што, како што информираа од грчката Влада е меѓународно најголемиот археолошки локалитет вклучен во голем технички проект.
На свеченото отворање меѓу другите, говореа и новиот грчки еврокомесар за транспорт и туризам, како и грчкиот премиер.
Мицотакис откри дека во ноември следната година ќе заврши продолжувањето на метрото до Каламарија, сп што на мрежата ќе додадат уште 4,8 километри железничка пруга и пет нови станици и истакна дека метрото во Солун е „најсовременото метро во Европа“.
-Ова е опиплив проект, за кој сигурен сум дека многумина во градов до последен момент не веруваа дека ќе се случи. И еве, сепак се случи. Со други зборови, рековме дека ќе го сториме тоа и го сторивте. И е симбол на напредокот на Македонија и на цела Грција, посочи Мицотакис.
По свеченото отворање и пуштањето во употреба, Сакеларопулу, Мицотакис и членови на грчката Влада влегоа во метрото и се возеа неколку станици. ср/сд/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер