• четврток, 26 декември 2024

Пуштена во употреба реновирана операциона сала на Универзитетска клиника за ортопедски болести (ДПЛ)

Пуштена во употреба реновирана операциона сала на Универзитетска клиника за ортопедски болести (ДПЛ)

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) - Реновирана операциона сала на Универзитетска клиника за ортопедски болести денеска е пуштена во употреба. Оваа операциона сала е во склоп на оперативниот блок кадешто има четири операциони сали.

Станува збор за целосно реновирање на првата операциона сала со помошни простории, соба за одмор и соба за премедикации на околу 150 квадратни метри. Вкупната вредност на инвестицијата е 15 милиони денари, обезбедени од Фондот за здравство и од донации. 

Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој присуствуваше на настанот, рече дека на Клиниката за ортопедски болести годишно се изведуваат 1.600 операции, а со реновираната операциона сала ќе се прават и до 2.000 оперативни зафати на годишно ниво. Меџити нагласи дека оваа сала не била во употреба од 2017 година и со нејзиното реновирање сериозно се зајакнуваат капацитетите на установата.

- Оваа Клиника е пример за успешно менаџирање на јавно-здравствена установа. Пред три години комплетно беше реновирана Клиниката, а исто така се изведе и првата трансплантација на коска во државата. Пред еден месец, од Буџетот на Министерството набавивме нов артроскопски столб наменет за пациентите. Редовно се инвестира во нова опрема, импланти и се вложува во здравствените работници, рече Меџити. 

Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека  инвестициите и реформите во здравство се еден од најважните приоритети на Владата, посочувајќи дека и во време на најголемата здравствена и економска криза овој процес не застанал, а како резултат на тоа во изминатиот период биле пуштени во употреба голем број реновирани здравствени објекти.

- Сево ова претставува само еден мал сегмент на она што се прави во целиот систем на здравството и она што ќе се прави на оваа Клиникасо оглед на тоа што преостануваат уште три сали да бидат комплетно реновирани, дополнително и делот на КАРИЛ што ќе започне со комплетно реновирање. На тој начин ќе имаме многу посовремени услови на здравството што нашите пациенти го заслужуваат, рече Ковачевски. 

Медицинскиот директор на Клиниката, д-р Александар Трајановски рече дека она што се прави, се прави за пациентите и за подобра здравствена услуга. Тој нагласи дека пациенти со ортопедски проблеми генерално многу ретко одат во приватното здравство. бд/бак/

Фото: МИА, Министерство за здравство 

 

Остани поврзан