• вторник, 24 декември 2024

Пуштена во употреба реконструираната улица „Страшо Пинџур“ во Тетово

Пуштена во употреба реконструираната улица „Страшо Пинџур“ во Тетово
Тетово, 23 јули 2022 (МИА) - По речиси 11 месеци реконструкција пуштена е во употреба улицата „Страшо Пинџур“ во Тетово, која се наоѓа во центарот на градот и е една од главните градски сообраќајници. Улицата е целосно реконструирана со вградување на целосна подземна и надземна инфраструктура, а засадени се и нови дрва откако старите повеќедецениски дрва кои тука растеа беа исечени што тогаш предизвика голем револт кај тетовци. - Успеавме во рекордно време да го реализираме овој проект кој го наследивме со многу пропусти. Сега се направени сите дополнителни интервенции во подземната инфраструктура и во делот на асфалтирањето на улицата и реконструирањето на тротоарите и зеленилото. Вака Тетово еднаш за секогаш да ги покачи стандардите на инвестирање во јавната инфраструктура. Оваа улица е пример како понатаму во Тетово ќе се реализираат проектите. Им честитам на жителите на оваа улица, на бизнисмените кои тука работат и на сите тетовци за оваа улица и со ветување дека во иднина Тетово се почесто ќе промовира вакви проекти со сите стандарди, изјави тетовскиот градоначалник Билал Касами. Улицата „Страшо Пинџур“ започна да се реконструира минатата година од страна на тогашната градоначалничка Теута Арифи, непосредно пред почетокот на локалните избори. По доаѓањето на новата општинска власт на чело со Касами, работите неколку месеци беа во прекин бидејќи, како што изјави тој тогаш, во проектот имало многу пропусти, а најмногу во делот на подземната инфраструктура па мораше да се направи нов проект. Оваа улица исто така стана позната во пошироката јавност кога при повторно започнатите градежните работи беа исечени дваесетина повеќедецениски дрва за кои тетовци сметаа дека воопшто не требало да се сечат. ас/сп/

Остани поврзан