• вторник, 24 декември 2024

Путин не оди на самитот Г-20 во Њу Делхи, Лавров ќе ја предводи руската делегација 

Путин не оди на самитот Г-20 во Њу Делхи, Лавров ќе ја предводи руската делегација 

Москва/Њу Делхи, 28 август 2023 (МИА) - Русија на самитот на Г-20 во Њу Делхи ќе ја претставува шефот на дипломатијата, Сергеј Лавров, изјави рускиот претседател, Владимир Путин, во денешниот телефонски разговор со индискиот премиер Нарендра Моди, пренесе Н1.

Двајцата лидери се осврнаа и на темата за планираното проширување на групата БРИКС, која ја сочинуваат Индија, Русија, Кина, Бразил и Јужноафриканската Република, како и на самитот на членките на Г20,  државите со најголеми светски економии. 

Њу Делхи следниот месец ќе биде домаќин на самитот на Г20.

Индискиот премиер Нарендра Моди и рускиот претседател Владимир Путин минатата недела учествуваа на самитот на БРИКС во Јужна Африка, иако рускиот лидер присуствуваше само преку видео врска поради налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства во Украина.

Кремљ, кој ги негира обвинувањата на МКС, соопшти дека Путин лично нема да присуствува на собирот на членовите на Г20 во Индија, туку таму земјата ќе ја претставува министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, се наведува во соопштението на индиската Влада.

„Изразувајќи го своето разбирање за одлуката на Русија, премиерот му се заблагодари на претседателот Путин за конзистентната поддршка на Русија за сите иницијативи за време на индиското претседавање со самитот Г20“, соопшти  индиската Влада.

„За време на разговорот, двајцата лидери разговараа и за актуелните руско-индиски односи, кои постепено се развиваат во духот на посебно стратешко партнерство. Потврдена е позитивната динамика на трговско-економската соработка меѓу двете земји, се наведува во соопштението на Кремљ. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан