• среда, 25 декември 2024

Путин и Абас во Москва разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток

Путин и Абас  во Москва разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток

Москва, 13 август 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Москва, при што потенцираше  дека Русија внимателно ја следи состојбата на Блискиот Исток.

- Тоа што се случува на Блискиот Исток, што се случува во Палестина, природно го привлекува нашето внимание, рече Путин, пренесува ДПА.

Абас ја истакна блиската врска на палестинската власт со Русија, која, според него, долго време ја поддржува нивната кауза.

- Веруваме во вас, ви веруваме, ја чувствуваме вашата поддршка, додаде тој.

Путин, пак, ја повтори поддршката на Москва за целосно суверена палестинска држава.

- За да се создаде траен, сигурен и стабилен мир во регионот, сите резолуции на ОН мора да се почитуваат, а пред сè, мора да се воспостави целосно суверена Палестина, рече тој.

Абас, кој има 88 години, е лидер на секуларната организација Фатах и на Палестинската автономна власт на Западниот брег, но значително ја изгуби популарноста поради неможноста да го спречи насилството од израелските доселеници против Палестинците.

Фатах ја изгуби контролата над Појасот Газа од радикалната исламистичка група Хамас во 2006 година и насилно беше протерана од крајбрежниот регион.

Двете ривалски движења, заедно со други палестински групи, неодамна, под покровителство на Кина, потпишаа декларација за палестинско единство. Целта е да се воспостави обединета влада, според палестинските медиуми.

Руските медиуми тврдат дека земјата е една од ретките светски сили која работи на палестинското единство. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан