• среда, 25 декември 2024

Путин е новиот кинески вазал

Путин е новиот кинески вазал
8 јуни 2022 Политико Порталот Политико објави статија на тема руско-кинеските односи од почетокот на војната во Украина, со заклучок дека Русија, поради тешката ситуација каде се најде, ќе прифати да плати висока цена за поддршка на Кина во своето преживување, како понизок партнер зависен од Пекинг. Политико пишува дека така односот на двете сили ќе биде спротивен на оној од минатиот век, кога Кина беше во сенка на моќниот СССР. Кога првиот човек на Кина, Мао Це тунг го посети советскиот диктатор Јосиф Сталин зимата 1949 година, беше оставен со недели да чека во својата викендичка, покриена со снег, на 27 километри надвор од Москва, каде понижениот и изолиран кинески лидер негодуваше за сè, од квалитетот на рибата, до неудобниот душек. Кога двајцата комунистички лидери најпосле се сретнаа и поразговараа за работа, Сталин постигна доста добар договор. Договорено е кинескиот претседател од Русија да купи оружје и тешка машинерија, со заем на што Пекинг мораше да плаќа камати. „Безгранично“ пријателство што има граници Седум децении подоцна, односот на силите доживеа радикална промена. Малку пред да ја нападне Украина, рускиот претседател Владимир Путин отпатува на Зимските олимписки игри во Пекинг и го нагласи „безграничното“ пријателство со кинескиот лидер Си Џинпинг. Но, немаше дилема кој, тука, е во улога на вистинска велесила. Кинеската економија од 18 милиони милијарди долари е десетпати помоќна од руската, а Пекинг во раце ги држи речиси сите карти за поставување услови за руското финансиско закрепнување. Додека руската економија трпи удари од Западот, Кина е единствениот очигледен потенцијален добротвор, кому Путин може да се сврти. Си го дели непријателството на Путин кон Западот и кон НАТО, но, тоа не значи дека ќе му понуди милостина. Главната стратешка грижа на Си се просперитетот и безбедноста на Кина, а не спасувањето на Русија. Пекинг веројатно ќе купи барем малку нафта пренасочена од Европа, но, само со голема попуст според светските стандарди. Кина ќе ѝ помогне на Русија само до степен да не привлече санкции и да не ја загрози сопствената способност да продава стоки во богатите земји во Северна Америка и во Европската Унија. Јавно, Кина прави големо шоу од политичка солидарност кон Москва. Ја зголеми трговијата со Русија, ѝ сврти грб на Украина, ги прошири трансакциите што не вклучуваат користење долари или евра, ја удвои соработката со Русија во развојот на воената технологија и со земјата врши заеднички воени вежби на Пацификот. - Сега кога Западот ја зазеде позицијата на диктатор, нашите економски врски со Кина ќе зајакнат уште побргу, изјави неодамна Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија. Се чини оти Си многу го почитува Путин на лично ниво. Од почетокот на војната, со него разговараше повеќепати, а со украинскиот претседател Володимир Зеленски ниту еднаш. Но, како што пишува Политико, постојат навистина сериозни граници кај овие „безгранични“ врски. Кина го уверува Западот дека не ѝ продава оружје и резервни делови за авиони на Русија. Пекинг не сака да стане жртва на санкции, па така, мора да воспостави граници во односите. Што е уште позагрижувачки за Путин, Кина ќе постави висока цена за поддршка. Пекинг, на пример, сака ограничување на продажбата на руското оружје на Индија, кинески ривал на Хималаите. - Во споредба со периодот на Студената војна, Русија сега ќе биде послаб партнер на моќната Кина. Тоа ќе го иритира Путин, тврди Метју Круниг, заменик директор во Центарот за атлантска стратегија и безбедност. Опседнат со исправување на историските понижувања Улогата на втора виолина не е сценарио што Путин би го замислил, кога одлучи да ја нападне Украина, воден од желбата да ја обнови некогашната слава на својата нација. Но, требаше да претпостави дека ќе излезе така. Кина е земја опседната со исправување на историските понижувања и позиција на глобално лидерство. Времето кога СССР беше идеолошки и економски супериорен над комунистичката Кина, одамна помина. Така Хуавеј ја гради руската 5Г мрежа, додека Русија бара соработка со Кина околу сè, од делови за авиони, до замена на валути. Генералниот директор на рускиот Совет за надворешни работи, Андреј Кортунов се сомнева дека руската елита ќе има голем апетит да ѝ служи на Кина како помал партнер. Најзначајното пресметување на Кина можеби се однесува на тоа, колку долго ќе му помага на Путин да се бори со ембаргото на руската нафта на ЕУ, што во рускиот буџет ќе остави празнина, доколку во играта не влетаат други големи клиенти. Во одлучувањето колку ќе купи, Пекинг има голема предност над Москва. Руската нафта веќе е поевтина. Со оглед на тоа што Кина увезува над 10 милиони барели дневно, сигурно има простор бројот да се зголеми. Но, руската продажба во ЕУ изнесуваше околу 2,4 милиони барели дневно. Со оглед на кинеската грижа за преголема зависност од поединечни добавувачи, мала е веројатноста, Кина одеднаш да почне да го купува целиот руски вишок нафта. Кина ги држи картите и кога е во прашање гасот. Пред инвазијата, Путин со Си потпиша договор, со што кинескиот увоз на гас ќе биде зголемен на 48 милијарди кубни метри годишно, во споредба со 4,1 милијарди од 2020 година. Русија има во план и нов гасовод, „Моќта на Сибир 2“, каде би се префрлил гасот, наменет за Европа. „Кина ги држи сите карти“ Но, проблем е што Кина во рацете ги држи сите карти за преговори, тврди Никос Цафос, главниот советник за енергетика на грчкиот премиер. - И како првата линија, Моќта на Сибир, Кина ќе постигне тежок договор. Тоа што сега не може да се знае, е, дали Кина е подготвена да направи договор. Русија веројатно ќе понуди многу атрактивни услови - ако ништо друго, поради очај. Но, дали Кина ќе ги прифати? Дали цената ќе доведе до искушение или двапати ќе се размислува за проширување на зависноста од Русија во овој момент?, истакна тој. Потребата на Русија од сојузник се поклопува со кинескиот раст на амбиции. Колку Москва е поизолирана, можеби толку повеќе ќе мора да ѝ помогне на Кина во исполнување на нејзините геополитички амбиции. Со години кинески официјални лица тивко лобираат за намалување на руските извори на оружје за Индија. Земјата со Кина има несогласувања околу границите, што понекогаш преминуваат во крвави пресметки. Од 2017 до 2022 година, Индија ѝ беше најголем пазар за оружје на Русија, а дури потоа следува Кина. Борбата со индиски војници вооружени со руско оружје, на Кина не може да ѝ биде забавна. - Русија ослабната од војната и од санкциите им одговара на долгорочните кинески интереси, појасни Бобо Ло, поранешен заменик шеф на австралиската мисија во Москва. Според Ло, „руската изолација дополнително ќе ја турне земјата во положба на понизок партнер, со сè посилна економска и стратешка зависност од Кина“. Политико потсетува дека СССР и Кина и покрај идеолошката блискост, со децении имаа тешки односи. - Кина беше помал партнер во 1950-те години. Кога беа Сталин и Мао, Сталин беше учител, титан на комунистичкото движење. Кога Сталин умре, Мао од високо гледаше на Хрушчов, како некој, кој не ја разбира идеологијата. Кога Денг Сијаопинг го запозна Горбачов, тој судејќи по сè, мислеше дека Горбачов е идиот, раскажа Џозеф Торигиан, автор на книгата „Престиж, манипулација и принуда“ за Сталин и Мао. Различни визии за иднината Додека Си и Путин имаат подобри лични односи од своите претходници, имаат и различни визии за иднината на двете земји и нивните улоги во светот. Си се фокусира на трет претседателски мандат, со цел од САД да го преземе местото на најсилна економија во светот. Санкции би ѝ наштетиле на таквата цел. Путин пак, би бил среќен од Кина да добие што било, со оглед на постоечките тешки околности, дури и кога тоа би била подредена позиција во партнерството со Пекинг. - Да се биде во џебот на Пекинг е помало зло, бидејќи фокусот е на борбата со САД, нагласи Александар Габуев, експерт за руско-кинеските односи. Тој додаде дека „доколку Кина ги обезбеди неопходните ресурси, а истовремено не се меша во внатрешните работи на Русија, тоа е цена што Путин ќе ја прифати, за да може да продолжи да се бори со САД“. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан