• сабота, 28 декември 2024

Путин - Ердоган: Мултилатералната соработка меѓу Русија и Турција се развива на сите полиња

Путин - Ердоган: Мултилатералната соработка меѓу Русија и Турција се развива на сите полиња

Сочи, 4 септември 2023 (МИА) - Мултилатералната соработка меѓу Русија и Турција се развива на сите полиња, рече рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес-конференција со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, по тричасовната средба во рускиот крајбрежен град Сочи.

Тој истакна дека разговорите меѓу Москва и Анкара поминале во конструктивна и деловна атмосфера, а станало збор за сите клучни прашања.

Рускиот претседател рече дека двете земји ја зголемуваат употребата на националните валути на сметка на доларот и еврото во меѓусебните плаќања, додавајќи дека до септември оваа година Русија и доставила на Турција повеќе од 10 милијарди кубни метри гас, а на „Газпром“ му е презентиран патоказ за изградба на гасен центар од Анкара, пренесуваат странските агенции.

Двајцата лидери разговарале и за војната во Украина и за Договорот за жито во Црното Море.

„Сакаме да го заживееме житниот коридор. Ќе го сториме тоа, но под еден услов. Сакаме нашите земјоделски производи непречено да одат по морски пат“, рече Путин во своето обраќање.

Рускиот претседател увери дека Москва ќе биде подготвена да се врати на спроведувањето на договорот за жито откако ќе бидат исполнети сите обврски од него. Тој рече дека Русија е блиску до договор за бесплатно снабдување со жито во Африка, кој би можел да започне во рок од две до три недели, пренесуваат агенциите. 

Турскиот претседател, пак, истакна дека Договорот за транспорт на житото преку Црното Море игра клучна улога во глобалната прехранбена криза, особено за луѓето во Африка.

За заеднички подготвениот предлог со ОН за испорака на жито, Ердоган изрази уверување дека Турција за кусо време ќе дојде до решение кое ќе ги исполни очекувањата.

Тој се осврна и на руско-украинската војна и напорите за воспоставување мир меѓу завојуваните страни. 

„Претходно бевме домаќини на директни преговори меѓу завојуваните страни (Русија-Украина). Подготвени сме повторно да дадеме придонес во тој поглед, како и порано“, рече Ердоган.

Како што пренесува Анадолија, тој ја истакнал „одлучноста на Турција да продолжи со напорите за воспоставување траен мир, стабилност и просперитет во регионот“.

„Предлозите што беа ставени на дневен ред не нудат одржлив, безбеден и траен модел кој се темели врз соработка на страните, како што тоа е Црноморската иницијатива“, додаде Ердоган. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан