• среда, 25 декември 2024

Публикација на „Метаморфозис“: Основни права во Северна Македонија – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари

Публикација на „Метаморфозис“: Основни права во Северна Македонија – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари
Скопје, 7 јули 2022 Степенот на остварување на основните права на граѓаните во светло на евроинтеграциските процеси е најновото тематско истражување на Фондацијата Метаморфозис во рамки на проект поддржан од Националната фондација за демократија од САД. Во истражувањето е направен генерален и подетален осврт на најгорливите проблеми од корпусот основни права со кои се соочува Северна Македонија во периодот од јули 2021 до крајот на јуни 2022 година. Човековите права во РСМ генерално се почитуваат, иако во некои области се уште се забележуваат случаи на структурна дискриминација. Случаи на кршење на човекови права и дискриминација, надлежните институции понекогаш регистрираат и во самите институции на извршната власт. Ова е генералниот заклучок од најновото истражување што го спроведе Фондацијата „Метаморфозис“ под наслов „Основни права - Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“. Во извештајот се заклучува дека „стратешката и законската рамка за почитување на основните права во РСМ е добро покриена, генерално усогласена со сите поважни меѓународни прописи, со исклучок на одделни сегменти кои што се поврзани со ЛГБТ заедницата“. Како најново надополнување на стратешката рамка на крајот на јуни беше ставена на агенда за изработка Национална стратегија за правата на лицата со попреченост, со цел да се постави патоказот за унапредување и подобрување на правата што ги ужуваат овие лица. „Имплементацијата страда од генерално два проблема – недостиг на човечки или инфраструктурен капацитет и недостиг на пари, односно потценето финансирање од Буџетот“, се наведува во заклучоците од Извештајот, а тоа се поткрепува со детално објавените буџетирања на клучните институции одговорни за спроведување на основните права. Како големи проблеми што се се уште актуелни, се потенцираат „проблемот со лошите услови во институциите од затворен тип, пред се во притворските и затворските институции“, „инклузијата на Ромите, која иако е нормативно покриена, страда од недоволна буџетска поткрепа, додека Ромите се уште се соочуваат со примери на дискриминација и на сегрегација“, како и „дискриминацијата и насилството врз ЛГБТ заедницата, кое се уште е присутно во голема мерка“, а во таа рамка се потенцира и „трансфобијата, која е силно изразена дури и од претставници и на власта и на опозицијата“. Правата што произлегуваат од Истанбулската конвенција за спречување и заштита од насилството врз жените, како и од семејното насилство се подобрени, особено по усвојување и на специфична законска процедура, но се уште треба да се работи на подобрување на институционалната заштита, пред се од специјализирани центри чија мрежа е недоволно развиена, а во некои региони како Полошкиот и целосно отсуствува. Во Извештајот, исто така, се нотира и подобрување на ситуацијата со правата на лицата што страдаат од некој вид на попреченост, особено кај децата со попреченост, но останува потребата од поголема финансиска помош, помош од уште поголем број на лични и образовани асистенти и секако, неопходноста од изработка на Регистер на лица со попречености, кој би помогнал во целосна идентификација на потребите според попреченоста, но и според географската локација, т.е. би се идентификувале и потребите и задолженијата на локалната самоуправа. Како горечки проблем кој се мултиплицирал, е обработен и „говорот на омраза кој е феномен што има тренд на влошување и зголемување во последните две-три години, вклучувајќи ја и 2022 година, а главна причина е неказнивоста“. Извештајот е дел од проектот „Промовирање на отчетноста и транспарентноста на јавните реформи“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Во рамките на овој проект веќе се објавени извештаите за реформи во правосудството, јавната администрација и реформите во медиумскиот сектор.   Фондација Метаморфозис ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан