• сабота, 23 ноември 2024

Публикација на ИМА: За демократските институции, владеењето на правото и реформите во администрацијата да се известува постојано 

Публикација на ИМА: За демократските институции, владеењето на правото и реформите во администрацијата да се известува постојано 

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Демократските институции, владеењето на правото и реформито во јавната администрација се битни, но забележуваме дека голем дел од медиумите овој период не беа толку битни, односно беа на маргините на медиумските известувања или беа битни само во контекст на евроинтеграциите на земјава, истакна Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА и автор на публикацијата „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“, која беше промовирана денеска во Скопје. Промоцијата на публикацијата е дел од активностите на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, кој е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.

Трајаноски рече дека овие теми се битни за граѓаните и за граѓанските организации независно од процесот на евроинтеграции, односно и да нема евроинтеграции за граѓаните овие теми се неверојатно битни.

-За жал, иако сметаме дека се битни, забележуваме дека во голем дел од медиумите овој период овие теми не беа толку битни, односно беа на маргините на медиумските известувања или беа битни само во контекст на евроинтеграциите. Зарем треба да дојде некој претставник од Европската Унија, за овие теми да бидат во фокус на медиумски интерес. Овие теми треба да бидат во фокусот на медиумскиот интерес независно од процесот на евроинтеграција и независно од тоа дали некои странски политичари ќе инсистираат на овие теми. Зошто сметаме така? Затоа што демократските институции се најбитни за граѓаните и за граѓанското општество, рече тој.

Тој посочи дека клучен заклучок од публикацијата е дека овие теми честопати ќе се маргинилизирани од други теми.

Во оваа публикација се упатуваат и неколку препораки за медиумите. Една од препораките е дека и медиумите треба да дадат свој придонес за деполаризација на јавниот дискурс воздржувајќи се од говор кој поттикнува омраза, насилство, дискриминација или општествена поларизација.

-Медиумите треба да се фокусираат повеќе на темите што ги третираат демократските институции, владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација, не само во контекст на пристапните преговори со ЕУ, туку и како теми кои се од особен интерес за граѓаните и подобрувањето на нивниот квалитет на живот. При покривањето на овие теми, медиумите треба да се придружуваат на принципот на проверка на факти и да ја афирмираат слободат на изразување со критички коментари. Медиумите треба да обезбедат што повеќе критички извори од граѓанското општество, како и непосредни изјави од граѓаните, во насока на обезбедување на поголема отвореност и отчетност на надлежните институции. Медиумите треба да го прилагодат јазикот во медиумските содржини, за да биде што поразбирлив за граѓаните, се дел од од препораките нагласени во публикацијата до медиумите.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Хулман истакна дека од суштинска важност е институциите и граѓаните кои веруваат во демократијата да работат заедно во градење мостови за надминување на поларизацијата и да споделуваат веродостојни информации кои ќе овозможат објективна дискусија и информирање одлуки.

-Во денешно време демократските модели се соочуваат со предизвик од зголемената поларизација, погрешните информации, лажните вести и алгоритмите на социјалните медиуми кои придонесуваат радикализација во мислењата и намалување на просторот за дијалог, за разбирање и за компромис. Северна Македонија исто така ги искусува овие предизвици и просторот за конструктивна размена и дијалог се поткопува. Во една демократска држава, граѓанското општество и медиумите играат клучна суштинска улога и тоа во набљудувањето, следењето на работата на државните институции и политичарите и да бараат поголема транспарентност и отчетност. За сето ова да биде успешно, најважно е да постои соработка меѓу јавните институции и граѓанските организации, рече Хулман.

Според швајцарската амбасадорка, поларизацијата може да ги ослаби демократиите, да ги попречи колективните напори во насока на реформи што треба да обезбедат добар живот за сите.  

Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики на добро владеење, нагласи дека имајќи го во предвид политичкиот и медиумскиот пејзаж во земјава, во јавноста тешко пробиваат теми поврзани со демократските вредности и со потребата од јакнење на т.н. меки вештини а кои, како што рече, се клучни за да се подобрат човечките капацитети во институциите.  

-Токму отсуството на свест за штетноста на неодговорното, непрофесионалното и незаконско однесување е една од причината за високата толеранција кон корупцијата во општеството. Затоа сум уверена дека паралелно со реформите на полето на владеење на правото мора континуирано да се работи на менување на светогледот, на менталниот склоп кој е најголемиот и најтешкиот предизвик и предуслов за промени. Сигурна сум дека за тоа ќе се согласиме сите.  

Како што истакна вицепремиерката, кај сите чинители во земјава мора да имаме широк општествен консензус за теми кои не’ засегаат сите и кои го допираат секој граѓанин.

-Јас сум прилично долго во политиката, уште од 1991 година и прилично долго разговарам дека нашите претседатели на политички партии едноставно мора, веќе после 30 години независност, да имаат политичка зрелост и да седнат и да се договорат за политики за коишто не смееме да имаме разлика, коишто ќе се практицираат и ќе се имплементираат без разлика на тоа која партија е на власт. Затоа што сум убедена дека има доволно области и прашања за коишто може да имаме разлика заради нашите политички идеологии, меѓутоа има суштински работи заради коишто мораме да имаме консензус заради доброто на сите граѓани, заради доброто на нашето општество, заради доброто на нашата држава. Сметам дека прашањето на довербата во институциите и довербата во медиумите се многу тесно поврзани и дека во подигнувањето на севкупните стандарди во општеството не само во борбата со дезинформациите ние мора да бидеме заедно. Некои битки се заеднички за целото општество. Затоа секогаш нагласувам дека мора да имаме широк општествен консензус за теми кои не’ засегаат сите и кои го допираат секој граѓанин, рече таа.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан