• сабота, 23 ноември 2024

ПСС Рејсинг атакува на титулата во ТЦР Европа

ПСС Рејсинг атакува на титулата во ТЦР Европа
Скопје, 23 јуни 2021 (МИА) - Франко Џиролами по неколку пласмани на подиумот викендот стигна до својата прва победа во ТЦР Европа, која е воедно прва и за македонскиот тим „ПСС Рејсинг“, кој со ова испиша нова историја како прв македонски тим што победил во ова европско првенство. Македонскиот возач Виктор Давидовски поради проблеми со сопирачките во квалификациите стартуваше од 14 место, но успеа на два пати да финишира во бодови. Во првата трка стигна до 11 место, а во втората до 10 место. - Во првите шест трки има шест различни победници и тоа е јасен показател колку е тешко да се биде на врвот во ТЦР Европа. Ланската сезона беше проблематична за нас за да го одржиме континуитетот, но решивме оваа година да одиме чекор понапред и да се натпреваруваме со две возила. Но, со влезот на тимот на Себастијан Лоеб, кој претходно беше само во светското ТЦР првенство конкуренцијата се заостри бидејќи де факто влегоа со четири нови автомобили кои до сега ги немаше, а дополнително со подемот на перформансите на „Хонда“ се намножија и возилата кои се под закрила на нивните тјунерски работилници, што прави да мислам дека ова е најтешкото од сите четири европски првенства на кои досега настапуваме, вели Давидовски во својата анализа. Трките на холандската патека „Зандворт“ беа дел од третиот гран при викенд сезонава, а следен предизвик ќе биде легендарната белгиска патека Спа Франкоршамп на крајот од јули. - Франко беше убедливо подобар овој викенд, јас ја испуштив шансата поради проблеми со сопирачките во квалификациите, кога за две десетинки не успеав да се пласирам во втората сесија, со што ќе можев да бидам крај него. Фер е да се каже дека тој беше три десетинки побрз од мене и во пресрет на втората трка застанавме зад него како тим и баравме да ги има најдобрите делови за да може да оди на победа, а со тоа и да избие на првото место во генералниот пласман. Тој го испорача резултатот што го баравме и сега нашата цел ќе биде тој да се бори за шампионската титула. За несреќа, мојот автомобил имаше мало оштетување при големиот инцидент што се случи при откажувањето на Том Коронел, бидејќи бев удрен од возилото на Феличе Јелмини, па морав да го чувам возилото за да финиширам. Овие успеси се постигнуваат многу тешко, но имав впечаток дека не бевме сфатени сериозно. Мислам дека сега кога покажавме амбиции и материјал за борба за титулата, нашиот труд ќе добие на тежина, додаде Давидовски. Франко Џиролами води во генералниот пласман со 154 бодови, додека главните ривали во продолжението на сезоната ќе бидат Микел Аскона, моментално со 143 бода, додека заедно со него се Џими Кларе и Том Коронел со по 132 бода. Бидејќи за победа се добиваат по 40 бодови, шанси за приклучок кон врвот имаат и Меди Бенани со 126 бода, Нилс Лангевелд со 124 бода и поранешниот првак, Душан Борковиќ, кој има 113 бода. зс/

Остани поврзан