• четврток, 26 декември 2024

ПССЕ: Време е да се направи проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, и тоа да се сфати сериозно

ПССЕ: Време е да се направи проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, и тоа да се сфати сериозно

Стразбур, 11 октомври 2022 (МИА) - Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во своите препораки и резолуцијата усвоена по расправата за поддршката на европските интеграции на земјите од Западен Балкан, повика да се даде нов поттик на процесот на проширување на Европската унија. Истовремено, го повика Западен Балкан решително и без одлагање да се справи со отворените предизвици, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот, а сè повеќе луѓе од Западен Балкан, посебно помлади, веруваат дека никогаш нема да се приклучат на Европската унија, стои во заклучоците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

Многу пратеници од 46-те земји членки на Советот на Европа, а ги имаше 60 кои сакаа да земат збор, го нагласија тоа на денешната дебата во Стразбур за европската перспектива на Западен Балкан. Во таа насока најконкретна беше пратеничката и поранешна грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која предупреди дека ЕУ им отстапува простор на Кина, Русија и Иран.

-Времето за Западен Балкан истекува. Тука е Кина, тука е Русија, тука е Иран. ЕУ мора да работи веднаш, кажа Бакојани.

Известувач за Западен Балкан е поранешниот грчки премиер Јорго Папандреу, сега член на ПССЕ, кој го изготви извештајот во името на Комисијата за политички прашања и демократија на Советот на Европа.

Во заклучоците на документот се вели дека „истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сè поголем број луѓе, посебно помлади, мислат дека европската перспектива никогаш нема да се материјализира. Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот“.

-Додека европските изгледи слабеат, сè повеќе се забележува нова геополитизација на регионот со трети страни кои се борат за влијание и продлабочување на постоечките пукнатини, изјави Папандреу појаснуваќи дека „овој тренд може да стане уште посилен бидејќи Западниот Балкан, посебно по последиците од војната во Украина, ризикува да стане простор за геополитички антагонизам кој што може да извезе нестабилност во ЕУ“.

Пратеникот на СДСМ и претседател на делегацијата на Собраниска на Република Северна Македонија,  Дарко Каевски на дебатата кажа „горди сме што ЕУ нè гледа како вистински партнер и сме горди на отворањето преговори.

-Република Северна Македонија е посилна земја од 19 јули 2022, кога беше почетокот на пристапните преговори, рече Каевски.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и неговата колешка од ДУИ Арта Биљали Зендели не дојдоа на ред да говорат и според правилата на Собранието ги приложија говорите. Николоски, во изјава за македонските медиуми рече дека во говорот ја критикува Бугарија, како и пристапниот процес на ЕУ.

-Правилото на едногласно одлучување брутално се злоупотребува од Бугарија. Затоа многу млади губат верба и ја напуштаат земјата или бараат други алтернативи. Бугарија го користи истиот потпалувачки дискурс како Владимир Путин. Путин вели дека не постојат украински јазик и нација, дека се руски. Бугарските политичари велат дека не постојат македонски нација и јазик, дека се бугарски, и ако Македонија сака да напредува кон ЕУ мора да го прифати тоа, вели Николоски

Затоа, додава тој, го повикал Советот на Европа во овој извештај за како што вели, „да препорача отворање на преговорите со Македонија без понатамошни одлагања и дополнителни барања“.

-Промената на Уставот на независна земја не смее да биде предуслов за пристапните преговори. Советот на Европа треба да побара од Бугарија да престане да притиска за уставни промени во Македонија и да дозволи пристапни преговори, изјави Николоски.

Арта Биљали Зендели за МИА изјави дека во дебатата и во тоа што се зборува во европските институции, а тоа е нагласено и во извештајот на Папандреу, Договорот со Бугарија се смета за нешто конечно и сега ни останува само да го спроведуваме.  

На дебатата за Западен Балкан немаше пратеници од Бугарија бидејќи новото бугарско Собрание се уште не е конституирано по парламентарните избори што се одржаа на почетокот на месецов. 

Според паневропската асамблеја “време е Европската унија да го забрза процесот на проширување со повторно започнување на преговорите со Србија и Црна Гора, нивно воспоставување со Албанија и Северна Македонија, доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина и со визна либерализација за Косово. Фокусот на овој регион не може да се остави настрана, дури и ако треба да се поддржат европските аспирации. Оттогаш се појавија аспирации од други земји, како Украина, Грузија и Република Молдавија“.

Советот на Европа, се смета, може да одигра важна улога во овој процес, бидејќи ревидираната методологија за проширување нагласува области каде што има јасна експертиза и консолидирани алатки: демократија, владеење на правото и човекови права. За таа цел, се посочува, тоа треба да ги удвои своите напори за да им помогне на земјите-членки кои сакаат да се приклучат на Европската унија и Косово да направат опиплив и мерлив напредок кон исполнување на потребните критериуми.

ПССЕ се надева дека со оваа расправа може да даде голем придонес со повторно разгорување на надежта за европска перспектива за Западен Балкан и притисок за реформи и добрососедски односи во регионот, особено преку обезбедување дополнителна платформа за парламентарниот дијалог. Како што кажа претседателот на Комисијата за политички прашања на ПССЕ Золтан Немет – „време е да се направи тоа проширување, и кога ние ќе го сфатиме сериозно проширувањето и да не го оставаме во сенка на војната во Украина.“

ПССЕ со мнозинство од145 гласови „за“ , два против и четири воздржани ја усвои препораката, а резолуцијата со 143 гласа „за“, три против и осум воздржани. тг/вг/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан