• четврток, 26 декември 2024

Прошетка низ изложба „Документот што недостига: За методологијата“ на Христина Иваноска

Прошетка низ изложба „Документот што недостига: За методологијата“ на Христина Иваноска
Скопје, 6 ноември 2022 (МИА) - Во Музејот на Република Северна Македонија денеска од 11 до 13 часот, публиката ќе има можност да ја посети изложбата на уметницата Христина Иваноска со наслов „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“. Прошетката низ изложбата е во рамки на „Маалски фестивал“ кој го организира КСП Центар Јадро во соработка со Тиииит!Инк. и Центарот за истражување на национализмот и културата – ЦИНИК – Скопје. „Документот што недостига“ е долгогодишен истражувачки, концептуален и ликовен проект на Иваноска започнат во 2014 година, кој се однесува на формите, наративите и естетиката на политичкото дејствување на жените во Македонија во првата половина на 20 век и нивното поврзување со денешните форми на отпор. Во фокусот на овогодинешниот проект е списанието „Македонка - Орган на АФЖ“, првото македонско женско списание, издадено во 1944-та година, три месеци по одржувањето на АСНОМ и прогласувањето на македонската држава.Изложбата „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“ се задржува на првиот број на „Македонка“ кој се појавува за прв пат во извонредно тешки услови на 7 ноември 1944 г. Фокусирајќи се на својата методологија на работа, Иваноска издвојува три суштински поими на перформативното: текст, глас и тело, околу кои се конципира поставката на изложбата.Прошетката низ изложбата во Музејот на Република Северна Македонија водена од уметницата Иваноска, се организира со рамки на „Маалски фестивал“ на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, а ќе следи и посебно изненадување за посетителите подготвено од уметницата, и од организаторите Тииит! Инк. и ЦИНИК. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 30-ти ноември. вг/сп/

Остани поврзан