• четврток, 26 декември 2024

Стари јадења од Долго село крај Загреб каде традицијата ја допира денешницата

Стари јадења од Долго село крај Загреб каде традицијата ја допира денешницата

Загреб, 5 октомври 2024 (МИА) - Дваесет километри од главниот град на Хрватска се наоѓа Долго село, кое е и село и град. Топло и мило како на село, а отворено како во модерен град, единствено место каде традицијата ја допира денешницата, а градот природата.

Упатувајќи се во Долго село, директорката на Туристичката заедница на Долго село, Кармела Вуков-Цолиќ не дочека со реторичко прашање и не воведе во целта на нашата посета. Кои сме ние, без нашата традиција и кои сме ние, без нашата историја и нашите претци“, праша таа, објаснувајќи дека традицијата е дел од нас и дека тоа е нешто што треба да се негува и чува и да им се пренесува на младите.

Оттаму, вели таа, потекнува и идејата за манифестацијата „Стари јадења од Долго Село“, традиционален гастрономски и забавен настан којшто ги промовира традиционалните јадења и обичаите на градот.

- Ние имаме мото „Каде традицијата ја допира денешницата“. Значи го мешаме модерното со старото и традиционалното, затоа што сме град Дуго село, затоа што сме и село и град. Оваа година подготвивме цела низа настани, ја промовиравме книгата за готвење „Слаткиши“ бидејќи кај нас слатките доаѓаат не само на крајот, туку и на почетокот на оброкот. Имаме и многу работилници каде што ги учиме некои од традиционалните занаети така што нашата идеја е да дојдете кај нас, да ручате со нас и да поминете убав ден со нас, да научите нешто со работилниците и да се забавувате со музика и концерти, вели Вуков Цолиќ.

Вкусивме традиционални јадења според рецепти од старите бабини готвачи, подготвени од гостите и здруженијата од Долго село. Ги консумиравме од „шарена лимена чинија на нашите баби“ од 10 евра, парични средства кои одат за добротворни потреби.

Позната е мислата дека љубовта оди преку стомакот, па така веднаш се вљубивме во хрватското гостопримство и гастрономијата. „Кушавме“ односно пробавме „крух со маст“ т.е. лепче со маст, традиционаните „крпице со зелка и печен бут“ или „пицека со млинци“, гулаш од печурки, босански лонец, сувомеснати специјалитети, што ли не, па дури и хрватски ајвар. Од вкусно превкусно, но не може се да се проба, исто како и во љубовта. Ние лично, цупкајќи со музиката на славонските тамбураши се определивме за превкусен „грах во грне“, односно за „грав од Барања“ крчкан во грне, со домашни колбаси и кулен. И така цел ден, дегустирајќи и дружејќи се, помалку и „цупкајќи“ со музиката, го истеравме првиот ден, чувајќи се за утредента за традиционалното јадење „котловина“ и за „шаранот со фиш паприкаш“.

Мошне шармантниот градоначалник на Долго село, Ненад Панијан, кој цело време беше со гостите, вели дека „на овие простори на Балканот, јужно од Алпите, се се случувало низ вековите, низ милениумите.

- Културите се мешаа, се водеа многу војни, популациите се измешаа, бевме заедно, сега сме разделени, но едно нешто што не обединува е традицијата на храната. Каде и да одам, во Србија, Македонија, Босна, Грција или Турција, има нешто заедничко, како што се сличните јадења. Патувајќи во овие области, сфатив дека луѓето секаде се добредојдени кога се на маса. И сите нудат нешто домашно. Ние сме еден град од 22.000 жители, град за семејство, тоа е нашата цел. За жал, во модерното време, семејствата повеќе не постојат, социјалните мрежи ни го уништија семејството, младите повеќе не зборуваат, не комуницираат, мажите веќе не знаат како да разговараат со жените. Нашиот најголем проблем е што во целиот свет, без политика, без војни, сме осум милијарди, а ние заборавивме дека технологијата нема да не спаси и дека ништо од она што е околу нас не е трајно. Животот е многу краток. Да бидеме добри, дојдете во Долго село и ние ќе дојдеме во Македонија кога ќе ме поканат и заедно ќе готвиме, ќе јадеме, некои ќе пијат, но пред се и над се ќе останеме пријатели, нагласува Панијан.

А, дека традицијата е важен сегмент на државноста говори и посетата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој заедно со домашните и гостите од странство ја дегустираше традиционалната храна.

Дружбата преку гастрономијата продолжи и вториот ден од манифестацијата со дегустација, да не кажеме со „поштеното кркање“ на специјалитетот „котловина“.

За ова јадење се натпреваруваа тимови од разни краеви на Хрватска и регионот, а јадењето се подготвува на тава, на тивок оган. Се крчкаат кременадли и сочни кобасици, а во средината-лук, свежи сецкани црвени пиперки, алева пиперка, сол, бибер и сето тоа помешано со домашно бело вино. Потребно е повеќе часа крчкање, а гостите, со лимените чинии во рацете со нетрпение чекаа да ја дегустираат „котловината“. Кој не дочека, имаше избор на храна од „шаран на скара со фиш паприкаш“ па се до традиционалниот „гулаш“ и „млинци“.

Секако на крај дојдоа старинските или „по рецепт на бабите“ слатки кнедли со сливи, Виноградскиот куглоф, колачите со мак, штрудлите и традиционалните хрватски или загребачки штрукли со сирење и шумско овошје и други специјалитети.

Така и ние станавме несвесно дел од „Споменарот на Долго село“, со покана од домаќините до граѓаните на Северна Македонија да дојдат и да уживаат  во гастрономската рапсодија на градот Долго село.

Оливер Бранковиќ

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан