• сабота, 23 ноември 2024

Професорот Поленаковиќ: Образованието да форсира креативно размислување за развој на претприемачкиот дух кај младите 

Професорот Поленаковиќ: Образованието да форсира креативно размислување за развој на претприемачкиот дух кај младите 

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) - Сметам дека образовниот систем треба многу повеќе да го форсира креативното размислување, во насока на развој на претприемачкиот дух кај младите, од една страна. Од друга страна, компаниите да бидат многу поотворени кон младите и да ги примаат на пракса, за да учат во реалниот сектор.

Ова попладнево го нагласи професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Радмил Поленаковиќ, давајќи изјава за медиуми, во рамки на конференцијата „Чувари на мудроста“, на која говорат повеќе панелисти од различни области. 

Поленаковиќ изрази задоволство од ваквата конференција на која сподели со младите, дел од искуствата во образовниот систем. 

- Имаше многу добри теми за дискусија. Секако, една од клучните беше, како младите да се стимулираат да останат во државата, во насока на кариерен развој. Во таа насока се прават одредени чекори, меѓутоа, мислам дека треба да се направи многу повеќе. Оваа конференција е убав пример, младите да согледаат искуства од претприемачи, културни работници и од други панелисти на оваа трибина, подвлече Поленаковиќ. 

Претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Филип Ивковски рече дека млади понекогаш се чувствуваат изгубено во животните патишта, па ваквите настани се секогаш добредојдени за нивниот развој како индивидуи. За нив, според Ивковски, позитивните примери од луѓе кои успеале во земјава, може да бидат дополнителен мотив, да не ја напуштат државата и да има позитивни промени. 

- Верувам дека како држава, како општество, пред сѐ треба да влијаеме на образовниот систем, во насока на градење здрави млади личности. Тоа е во моментов најголемиот предизвик, истакна Ивковски.

Билал Суџубаши, главен извршен директор на „Халкбанк“, посочи дека постојано се стремат да придонесат како општествено одговорна компанија, им се дава значајност на младите. 

- Целта на оваа конференција е повозрасните да го споделат искуството со помладите, додаде Суџубаши. бд/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан