• четврток, 26 декември 2024

Протест на судската и јавнообвинителска служба, бараат поддршка од пратениците за повисоки плати (ДПЛ)

Протест на судската и јавнообвинителска служба, бараат поддршка од пратениците за повисоки плати (ДПЛ)

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Вработените од судската и јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од Канцеларијата на Народниот правобранител, во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска излегоа на протест пред Собранието, од каде ги повикаа пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите.

Претседателката на Независниот синдикат на судската администрација, Јасмина Величкова, во изјава за медиумите го изрази своето незадоволство од пристапот на Владата, потенцирајќи дека изјавата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, каде ги обвини судските службеници за одолговлекување на предметите, е навреда за судската администрација. 

Времетраењето на постапките не зависи од службениците, посочи Величкова, појаснувајќи дека од судијата зависи во кој рок ќе се достави писмена пресуда, покана или било каква друга доставница.

Таа додаде дека судските службеници извршуваат тешки и обемни работни задачи, кои не ни се предвидени во систематизацијата и дека за нив не се наградени.

-Судските службеници бараат да бидат платени за она што го сработиле, ние не бараме милост, туку бараме да ни се зголемат платите за еден пристоен живот, порача Величкова.

Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, Владата има намера по скратена постапка, со европско знаме да ги измени сите посебни закони, за вработените во март да не добијат усогласување со кое ќе се зголеми минималната плата. 

Преговорите во Владата се прекинати поради ароганција на вицепремиерот Фатмир Битиќи, рече Деаноски и го повика вицепремиерот да објасни како вработените се виновни за незавршени предмети во судството и обвинителствата, како и за состојбата во здравството.

- Згора на сето ова, пред неколку денови Битиќи ја даде можеби најсрамната изјава за медиумите во историјата на Македонија. Во изјавата ги обвини вработените дека тие се виновни за незавршени предмети во судството и обвинителството и за состојбата во здравството. Надвор од секој здрав разум, кажа дека доколку се зголемеле платите нема да има пензии, домување за студентите и учебници за учениците, рече Деаноски.

Тој ги повика пратениците да си ја вршат својата должност, а кога ќе го гласаат новиот буџет да застанат на страната на работниците.

-Доколку пратениците не почнат да си ја работат својата работа и доколку не застанат на страната на работниците кога ќе го гласаат новиот буџет, да знаат дека се ближат избори, а вработените памтат, рече Деаноски.

Независниот синдикат на државна администрација (НСДА), кој е грански синдикат во кој членуваат и други синдикати, од март бара враќање на додатоците на плата но, како што рече претседателот на НСДА, Горан Ристески, остварени се неколку средби со Судскиот совет, но оттаму ја префрлаат одговорноста кон Министерството за финансии и Министерството за правда. 

Ристески рече испратени биле неколку дописи до министерите за финансии и за правда, до претседателот на Влада, но дека ниту еднаш не биле повикани. 

Протестот продолжи пред Министерството за правда, а заврши пред Владата. Поддршка дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати. Со транспаренти за барања за достоинствени плати протестираа вработените во судовите, обвинителствата, Фондот за здравстено осигурување, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина, Државниот завод за статистика, Секретаријатот за европски прашања, Државниот пазарен инспекторат, Управата за заштита на културното наследство, Агенцијата за филм, Комисијата за класифицирани информации, Комисијата за дискриминација...

Вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан