• среда, 25 декември 2024

Протест на екологисти и граѓани во Ново Село заради изградба на леарница

Протест на екологисти и граѓани во Ново Село заради изградба на леарница

Ново Село, 11 октомври 2024 (МИА) - Со перформанс на погреб на Мајката природа пред општинската зграда на Ново Село, екологистите и граѓаните организирани од „Здрава котлина“ и „Сега е“, преку втор протест го искажаа своето незадоволство од изградба на Леарница за алуминум во близина на општинскиот центар.

Како што беше истакнато на протестот во Ново Село, забрзано се гради објект леарница за лиење на одливци од алуминиум и уште еден објект со посебна градежна дозвола каде ќе се носи алуминиумски отпадоци од секаде, ќе се дробат и компресираат. Екологистите обвинуваат дека нема никакви јавни документи и се е скриено и маскирано за тоа што ќе се прави, затоа што е спротивно на законот.

-Леењето на легури од алуминиум е обоена металургија со законска класификација Г1.3 и која како тешка и загадувачка индустрија не може да се гради на помалку од 5 километри од населено место или заштитено подрачје. Дробењето и компресирањето на алуминиум спаѓа во Г2 и тоа е замајувањето што треба да служи како "димна завеса" за да помине и посебниот објект каде ќе се загрева и лее алуминиумот.Градоначалникот на Ново Село реши да го прекрши законот и иако предупреден од стручни лица, сепак самоволно и незаконски го прогласи објектот каде ќе се загрева и лее алуминиумот за Г2 односно лесна и незагадувачка индустрија, иако во целата класификација на Г2 не постои таков опис, истакнаа во обраќањето организаторите на протестот.

Според Ѓорги Танушев, од „Стига е“ сите леарници во државата работат со законска класификација Г1.3

-Како може сите да се Г1.3, а нашата да биде Г2. Зошто тоа некој би го направил и по која основа? Тука нема законска основа и се работи за прекршување на законот, истакна Танушев.

На протестот свои ставовии искажаа и други говорници кои ги поддржуваат активностите на екологистите за запирање на изградбата на леарница. Побараа итно запирање на градбата на објектот, целосна ревизија на проектот со јавно достапни документи и поништување на фалсификуваната градежна дозвола за објектот и решението од Министерството за животна средина.рт/бт/

Фото: принт скрин фејсбук „Здрава котлина“

Остани поврзан