• среда, 25 декември 2024

Протест на Граѓанскиот отпор пред Претседателството на Србија, СзС ќе ги бојкотира изборите

Протест на Граѓанскиот отпор пред Претседателството на Србија, СзС ќе ги бојкотира изборите
Белград, 7 мај 2020 (МИА) - Стотици луѓе вечерва во Белград се собраа пред Андричев венец, каде се наоѓа канцеларијата на Претседателот на Србија, на протест организиран од Граѓанскиот отпор. Како што јави дописникот на МИА од Белград, демонстрантите во 20 часот им аплаудираа на здравствените работници, а пет минути подоцна започна „бучавата“-насобраните удираа во тенџериња и свиркаа, а од разглас се слушаше песната „А сад адио“. Во еден момент граѓаните ја урнаа оградата пред Претседателството и стигнаа до влезот на зградата. На почеток на протестот се обрати еден од организаторите, опозицискиот активист и поранешен пратеник Срѓан Миливојевиќ, порачувајќи дека на протестот се излезени граѓани од различни политички ориентации кои не се согласуваат со начинот на кој власта се бореше против коронавирусот. Тој повика на секојдневни собири. - Тиранину Александар Вучиќ, се вративме од шопинг во Милано. За првпат по полицискиот час, епидемијата на коронавирусот и воведувањето на тиранијата, ве повикувам да ги поздравите лекарите, рече Миливојевиќ. Собраните на протестот, потоа преминаа на тревникот пред зградата на Претседателството и се приближија до металните барикади, а некои од помладите ја прескоканаа заштитната ограда и се обидоа да стигнат до свечениот влез на зградата, но беа запрени од полицијата и легитимирани. - Одиме до крај, сè додека не ја собориме Владата, рече лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ. Граѓаните извикуваа пароли „Вучиќ крадец“ и „Апсете го Вучиќ“. Заедно со Обрадовиќ на протестот беше и лидерот на Странката за слобода и правда, Драган Ѓилас, лидерот на Демократската партија Драган Лутовац, како и други опозициски личности. Организацијата Граѓански отпор е неформална организација која ги презеде протестите во саботата откако движењето „1 од 5 милиони“ се откажа од нив. Во Белград претходно се одржа состанок на дел од опозицијата, која во јануари се определи за бојкот на претстојните избори, на кој беа партиите од коалицијата Сојуз за Србија (СзС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Граѓанскиот отпор, Да не го давиме Белград, како и Социјалдемократската партија на Борис Тадиќ. Претседавачот на СзС, Јанко Веселиновиќ изјави дека „одлуката на СзС е да не се излезе на избори и таа е конечна.“ - Пред три дена, на состанокот на Претседателството на СзС, донесовме одлука да останеме во бојкот, затоа што условите не се променети, односно тие се многу полоши отколку во април, рече Веселиновиќ. Одговарајќи на прашањето за Движењето на слободни граѓани (ПСГ), кое размислува да излезе на гласање, Веселиновиќ оцени дека ПСГ е поблиску до одлуката за учество на изборите. об/

Остани поврзан