Протест на граѓани за затворање на депонијата „Буково“ кај Охрид
- Жители на околните села во близина на планинскиот превој Буково денеска протестираа против работењето на депонијата „Буково“, притоа блокирајќи го пристапот на камионите и механизација на деп
Охрид, 17 јули 2021 (МИА) – Жители на околните села во близина на планинскиот превој Буково денеска протестираа против работењето на депонијата „Буково“, притоа блокирајќи го пристапот на камионите и механизација на депонијата.
Тие се изреволтирани поради тоа што отпадот на депонијата гори, притоа се шири мошне непријатна миризба која не само што е тешко поднослива туку, како што нагласуваат, и опасна по нивното здравје. Нивните барања се задолжително да се преземат активности за затворање на депонијата „Буково“ каде се одлага отпадот од Охрид, Ресен и населените места од регионот, со најава дека ќе го блокираат пристапот до локацијата се додека не се санира односно не биде изгаснат пламенот што го загадува воздухот.
Томе Стојчески од ресенското село Крушје вели дека зголемен е и бројот жители од тој крај што боледуваат, некои дури и починале, од малигни заболувања на белите дробови. Сето тоа тој го поврзува токму со работата на депонијата.
- Селото Крушје е многу погодено од загаденоста од депонијата. Ваква загаденост не е видена, не се дише. Ова е неподносливо, многу луѓе се заболени, стоката исто така, пчелите, изјави тој.
Крсте Трајчески од селото Завој, член на Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид, вели дека подрачјето е мошне убаво и богато со флора и фауна, а поради депонијата со километри оддалеченост, особено во летните месеци од мај до септември, постојано се шири чад и непријатна миризба.
- Подземните води од овој дел одат или кон Охридското или кон Преспанското Езеро. Луѓето во Преспа не знаат каква вода пијат, рече тој.
Според најавите на учесниците на протестот, тие и наредните денови ќе дежураат на пристапот кон депонијата, за да спречат дотур на отпад се додека не се најде решение за нивниот проблем.
Непријатна миризба од депонијата кога гори понекогаш се чувствува дури и во Охрид, а е на дваесеттина километри оддалеченост од Буково.
Проблемот со комуналниот отпад од Охрид, Ресен, Струга и целиот Југозападен регион требаше да се реши со изградба на современа инсталација за преработка на отпадот, но планот таква фабрика да се гради во атарот на селото Годивје во Дебрца населението го отфрли на референдумско изјаснување. Тој проект веќе е напуштен, а решавањето на проблемот со одлагањето на отпадот и негова преработка ќе се бара со изградба на инсталација за преработка на отпадот на друга локација.
Како опција се размислува за напуштање на концептот секој регион да има своја депонија туку да се оди на поврзување на региони, преку изградба на централна депонија со систем за одлагање и третман на отпадот. аб/дма/