• сабота, 09 ноември 2024

Протест на вработените во Народниот правобранител - незадоволни од платите и статусот кој го имаат како службеници

Протест на вработените во Народниот правобранител - незадоволни од платите и статусот кој го имаат како службеници

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - Членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), денеска, пред Народниот правобранител одржаа мирен протест каде го искажаа својот револт од нивниот статус кој го имаат како административни службеници.

Државниот советник на Народниот правобранител и претседател на синдикалната организација при НП, Марјан Поњавиќ, во изјава за медиумите побара без одлагање да се зголемат платите на вработените во Народниот правобранител, бидејќи како што рече, нивните месечни примања во моментов заостануваат многу зад платите на останатите независни регулаторни тела како и на вработените во администрацијата воопшто.

-Имено, во контекст на ова наше барање би сакал да ве информирам дека при основање на НП во 1998 година, платите на стручната служба биле со еднаков коефициент на ранг на судиите на Основен суд, што значи дека државата во минатото имала повеќе сенс за значењето на оваа институција како заштитник на правата на граѓаните, рече Поњавиќ.

Според него, секоја омбудсман институција треба да биде самостојна, независна и целосно одвоена од институциите спрема кои презема дејствија за заштита на правата на граѓаните, и додаде дека тоа не е случај кај нас. Во моментов не можат да се надминат одредени слабости, вели тој, кои се искажани и нотирани во извештаите за напредокот на државата од страна на Европската Комисија.

-Склучување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Закон за НП, кој се наоѓа во Собрание би се спровела препораката на Европската комисија против расизам и нетолеренција на Советот на Европа, која препорачува властите да дадат финансиска независност на канцеларијата на НП, за користење на своите буџетски средства без да се бара одобрение или согласност од Министерството за финансии, а воедно да се подобри финансиската состојба на вработените во НП, рече Поњавиќ.

Поради тоа, тој вели час поскоро е потребно ново законско решение со кое вработените во НП нема да бидат во кругот на вработени опфатени со Законот за административни службеници, туку ќе бидат самостојни и независни. Исто така тој додаде дека за вработување во Народниот Правобранител и за пополнување на испразнети работни места нема да се бара согласност од Министерството за финансии.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели службата на Народниот правобранител не треба да биде врзана по Закон за административни службеници, бидејќи нивната работа не е административна. Тој вели тие извршуваат работни задачи по претставки на граѓаните и на вработените во јавниот сектор и ги заштитуваат нивните права и интереси, затоа вели не е логично вработените во НП да бидат врзани по Закон за административни службеници.

-Со години го чекаме носењето на посебниот Закон за службата, со години сме игнорирани од власта. Не може со оваа проблематика на работа да имаат ваква висина на плати, кажа колегата Марјан дека во 1998 година висината на платите биле на ранг на судиите, тоа не е чудно и не треба да бие чудно, бидејќи тие одлуки и решенија што се носат, се решенија по претставки и може да се смета дека Народниот правобранител, односно службата е еднаква на судиите во Основните судови, рече Деаноски. ра/аа/

Фото: МИА/принтскрин ФБ

Остани поврзан