• четврток, 19 декември 2024

Протестот во населба Иванидол ставен во мирување, се чека средба со Дехари

Протестот во населба Иванидол ставен во мирување, се чека средба со Дехари
Кичево, 16 март 2022 (МИА) - Дводневниот протест на жителите од населба Иванидол е ставен во мирување, откако жителите одлучија да побараат средба со првиот човек на градот Фатмир Дехари за уште еднаш да ги сослуша нивните барања околу изградбата на социјалната зграда во нивната населба. - Зградата која требаше почне да се гради во населба Иванидол и е дел од „Програмата за социјални станови за Ромите во Кичево“ засега нема да се гради, откако организиравме протест, во нашата населба да не се гради овој објект и да се побара друга локација за нејзина изградба. Во меѓувреме машините кои веќе беа на парцелата а припаѓаа на градежна компанија од Битола се повлекоа и до разрешување на овој проблем нема да почнат со работа, вели Иван Јованоски, претседател на МЗ Иванидол и потсети на барањата на жителите од населбата околу изградбата на овој објект. Јовановски нагласи дека нивните барања се поврзани со дислокација на оваа зграда во друг дел на градот, бидејќи, како што вели, истата е наменета за лица со кои тешко ќе можеме да се разбереме. Посочи дека очекуваат повторна средба со градоначалникот Дехари за да ги слушнат неговите предлози, како и да ја потврдат нивната цврста решеност овој објект да не се гради во нивната населба. Жителите потпишаа петиција од 940 жители од населбата, кои се против изградба на ваков објект во нивна непосредна близина. Жителите од оваа населба најавуваат дека нивните протести нема да престанат се додека конечно не се одлучи изградбата на овој објект да се дислоцира во друг дел од градот. Инаку, се работи за станбен објект во кој ќе бидат згрижени 30 социјално загрозени семејства од ромска популација со површина од 40 метри квадратни, со финансиски средства обезбедени од ЕУ во износ од 800 000 евра. за/фф/

Остани поврзан